Македонските ракометари демонстрираа одлична одбрана во првите 30 минути, но не успеаа да се одлепат резултатски поради многуте технички грешки во нападот и неискористените контра напади, па така по првиот дел составот на Обрван водеше со 12:11.
Швајцарија го имаше единственото водство на стартот од мечот кога беше 2:1, а потоа резултатски постојано ја одржувавме предноста од 2 гола разлика. Недостасуваше поголема прецизност од страна на Лазаров, додека најефикасен во нашиот табор во првиот дел беше Мојсоски кој имаше учинок 4/4.
Токму овие двајца ракометари за само 2 минути во второто полувреме распалија во нападот со 3 гола, а Македонија го имаше највисокото водство од 15:11. Втората уште подобра серија која ја направија нашите ракометари беше во 40 минута кога со поконкретната игра во нападот имавме +5.
Швајцарците не се предаваа и не дозволуваа Македонија да влезе во поголема серија. Резултатот се движеше од 3 до 4 гола разлика, но со помош на големата поддршка на нашите иселеници кои беа во голем број, како и подобрата одбрана на Борко Ристовски, составот на Ивица Обрван не дозволи да ја прокоцка предноста и заслужено триумфираше.
Доколку Шпанија не дозволи сензација, клучниот меч на кој ќе треба да се завери визата за Европското првенство во Данска е дуелот против Португалија кој се игра во недела во салата „Борис Трајковски". Само со триумф Македонија ќе патува на наредниот еврошампионат.