Македонските ракометари вечерва во Украина ремизираа 27-27 и не успеаа во последното коло да влезат како сигурен патник на Европското следната година во Хрватска. Мечот против селекцијата која убедливо ја победивме на првиот меч во Скопје започна подобро за домаќинот.
Украинците поведоа со 2-0 а набрзо и со 3-1, но откако заработија исклучување, нашите момци направија мини серија 0-3 и поведоа со 3-4 со голот на Митков. Првата половина од првиот дел мина израмнето 8-8, а најмногу маки нашите ракометари во тој период имаа со брзите контри на Украинците.
Селекторот Раул Гонзалес нервозно реагираше кога при резултат 10-10 не реализиравме два чисти зицери (Манасков и Миркуловски) а Украина тоа го искористи и се одлепи на +2. Промената на нашиот гол кога Даскалоски застана меѓу стативите значеше и постабилна одбрана. Тоа како да ги окуражи гостите вечерва па тргнаа јуришно кон противничкиот гол и заслужено стекнаа водство од 12-15.
Откако Акименко промаши, Миркуловски ја донесе Македонија во највисоко водство од 4 гола предност 12-16. Позитивата ја одржувавме до крајот од првиот дел кој заврши 14-18 за Македонија. Одлични три напади по ред реализиравме и на стартот од второто полувреме (Миркуловски, Стоилов и Талески), но во еден момент одбраната како да загуби здив па Украина се врати на 20-21.
Наместо мирно да влеземе во финишот, домашниот голман Чуприна се разбрани и им даде ветер на своите соиграчи кои израмнија. Сепак искуството на Борко Ристовски кој одбрани два шута му овозможи на Лазаров да ја однесе Македонија на 21-24.
До крајот Лазаров промаши пенал, а Садовји со неколку погодоци во серија ја донесе Украина на 25-26. На 51 секунда до крајот Денисов израмни на 27-27 а Манасков во самиот финиш не успеа да реализира одлична шанса и мечот заврши нерешено.
Најефикасен во нашиот состав беше капитенот Лазаров со осум гола, Талески даде пет а Столе Стоилов четири. Кај Украинците најдобар поединец беше голманот Чуприна а Садовји даде седум гола.
Шансата за пласман на ЕП се уште е голема, затоа што во недела во СЦ. „Борис Трајковски“ нашите ракометари играат против Чешка. Со победа одиме на Евро 2018.
Табела после 5 одиграни кола:
1. Чешка - 6 бода (гол разлика 13+)
2. Македонија - 5 бода (+3)
3. Украина - 5 бода (-8)
4. Исланд - 4 бода (-8)