Македонија лошо го отвори натпреварот, без добра организираност во нападот и по првите 7 минути имаше негатива 1:3. Нашите ракометари три напади по ред играа преку пикер, но Стоилов направи направи технички грешки во сите обиди.
До погодок стигна од четврта, а потоа Велко Марковски преку контра го израмни резултатот со својот прв гол на првенството. Обрван во првиот дел на крилните позиции им даде шанса на Митков и Ојлевски, а меѓу првите шест на паркетот го немаше ниту Миркуловски кој поради повреда не влезе воопшто во игра.
Првата предност ја остваривме во 15 минута преку Стоилов, а потоа се играше гол за гол. Македонија играше стегнато, правеше грешки, но и немаше среќа од одбиените топки. Белорусите повторно се вратија на +2, а на пауза заминаа со предност од 13:14, која можеше да биде поголема ако Мојсоски не се избореше за два тешки гола во финишот. За одбележување се седумте голови на Пуховски во првиот дел.
Второто полувреме почна уште полошо за нашите ракометари кои во првите 5 минути не постигнаа ниту еден погодок, а примија четири и губеа со 13:18. Кире им ја прекина серијата на Белорусите, но тие не застанаа и стигнаа и до +6.
Обрван ги направи очекуваните измени и ги стави во второ Георгиевски и Манасков кои постигнаа по два гола откако ја надминавме кризата. Во 42 минута ја намаливме негативата на -3. Македонија не можеше да фати ритам и повторно бркаше -6, но раката на Кире работеше и Македонија ја топеше негативата благодарение на неговите голови.
Резултатот го израмнивме дури на 5 минути до крајот со 10-от гол на нашиот капитен, но одбраната потфрли во текот на целиот меч, а Белорусите тоа го казнија и славеа со 30:29. Македонија потфрли на овој меч и покрај тоа што важеше за фаворит и најавуваше прва победа.
Најефикасен на мечот беше Пуховски со 11 гол, еден повеќе од Лазаров кој постигна 10.