Британецот Луис Хамилтон на легендарната Сузука денес стигна до осмата победа во сезоната и дури 41-ва во кариерата со која се израмни по бројот на победи со својот идол, Бразилецот Аертон Сена. Хамилтон успеа во тоа токму на патеката на која легендарниот Сена ги потврдуваше сите три освоени титули, а една загуби.
Второто место утринава му припадна на Нико Розберг, кој заостануваше цели 19 секунди зад лидерот, додека трет на подиумот се качи Себастијан Фетел од Ферари. Ф1 патувачкиот циркус викендов се врати на Сузука за првпат откако Жил Бјанки трагично го загуби животот на оваа патека пред една година. Од таа причина овој викенд беше емотивен за сите пилоти.
Ривалите ниту во еден момент не го загрозија триумфот на Хамилтон, а тој стигна четвртото место на вечната листа на победници на сите времиња. Прв пред Хамилтон е Фетел кој има една победа повеќе (42), а повеќе славја имаат Ален Прост (51) и Михаел Шумахер (91).
За разлика од Хамилтон, неговиот клупски колега Нико Розберг имаше значително потешка задача за второто место, затоа што мошне лошо ја стартуваше трката и од второ падна на четврто место. Сепак, со одличната тактика на Мерцедес и навремените заминувања во боксот, Нико Розберг успеа да ги одбие нападите на Валтери Ботас и Себастијан Фетел.
Четирикратниот Ф1 шампион се обиде да го мине Розберг, но на крајот мораше да се задоволи со третото место, пред тимскиот колега Кими Раиконен. Тимот на Вилијамс лошо раководеше со трката, па Финецот Валтери Ботас неколку пати во погрешно време замина во боксот и на крајот заврши како петопласиран. Зад него следуваа возачот на Форс Индија, Нико Хилкенберг, како и тандемот на Лотус, Роман Грожан и Пастор Малдонадо.
Благодарение на денешната победа, Луис Хамилтон ја зголеми својата предност во однос на Нико Розберг на огромни 48 бодови, додека Фетел заостанува 59 зад Хамилтон.
На 11-ти октомври продолжува шампионатот на Формула 1 со трката во Сочи, Русија.
Генерален пласман на возачите:
1. Луис Хамилтон 277 бодови
2. Нико Розберг 229
3. Себастијан Фетел 218
4. Кими Раиконен 119
5. Валтери Ботас 111
6. Фелипе Маса 97
Генерален пласман на конструкторите:
1. Мерцедес 506
2. Ферари 337
3. Вилијамс 208
4. Ред Бул 139
5. Форс Индија 77
6. Лотус 60