Најдобрите македонски ракометари успеаја да ги надминат проблемите на релација репрезентација-РФМ и без повредениот Мојсовски и суспендираниот Ристовски, избраниците на Шундовски ја надиграат Швајцарија.
По израмнетиот почеток во воведните шест минути, следеше целосна доминација на нашите ракометари кои полека ја градеа предноста и на полувремето имаа водство од 17:9.
И на стартот на второто полувреме на паркетот доминираа македонските ракометари и дојдоа до водство од +13 (25:12).
Но потоа следеше опуштање и пад на концентрацијата, а тоа швајцарски ракометари го искористија за ублажување на поразот. На крајот Македонија славеше со 30:24.
Најефикасен во нашите редови беше Стоилов со шест голови, Лазаров постигна пет, а Манасков и Миркуловски по четири. На нашиот гол се истакна и Никола Митревски кој успеа да одбрани 15 удари.
Во недела во рамките на второто коло од квалификациите за ЕП, Македонија гостува во Португалија.