Одличната игра против Швајцарија и фактот што сме на чекор од пласман на Европско првенство беа доволен мотив да останат уште малку карти за неделниот меч против Чешка.
Капитенот Лазаров сè уште не е заздравен, а селекторот Обрван не сакаше да открие ништо во врска со состојбата на Наумче Мојсовски и Вугринец кои имаат проблем со клубот Лахвија, поради неисплатени плати и нерегулирани излезни визи.
„Вие (медиумите) знаете подобро за ситуацијата. Ми сметаат некои натписи во кои се зборува за некаков си проблем, кој воопшто не постои. За состојбата на ракометарите обратете се во федерацијата“, прилично остро реагираше селекторот Обрван на прашањето што е со Мојсовски и Вугринец.
Во меѓувреме, Лазаров ја потсети јавноста дека не смееме да заборавиме на последниот натпревар со Чешка на гости.
„Дојдовме до оној момент кој го посакувавме уште пред почетокот на овие квалификации. Би сакал да се навратам на оној меч во Чешка и да ја потсетам јавноста за она што се случи таму, кога во еден момент имавме и осум голови негатива. Им честитам на моите колеги што одиграа интелигентно во Швајцарија. Во недела имаме натпревар од друг карактер, меч да се биде или не. Чесите без разлика на нивните проблеми нема да дојдат со бело знаме, но сигурен сум дека ќе го продолжиме континуитетот на големи натпреварувања“, истакна капитенот Лазаров.
Чешка во Скопје веројатно ќе игра без капитенот и нивен најдобар играч Филип Јиха, а неизвесни за настап се уште и Линхарт, Хорак, Брикнер, Касал и Шимански. Токму Линхарт со седум голови беше најефикасен на првиот меч во ноември лани кој заврши 27-27. На Чесите им одговара победа, но и секое реми од 28:28 и повеќе голови.
На последниот натпревар со Франција, носител на играта на Чесите беше централниот бек Андреј Здрахала кој постигна дури 9 погодоци. Посебно ќе треба да внимаваме и на левото крило Јакув Хрстка и пикерот Леош Петровски. Лазаров се наврати на златото со Барселона во Лигата на шампионите и на проблемот со мускулот на ногата.
„После подолго време сабајлево го имав првиот посериозен тренинг. Пред загревањето имав големи болки, но откако се загреав успеав да го одработам тренингот. Тоа ми беше прв сериозен тренинг по финалето на ЛШ во Келн. Играме последен натпревар и би бил најсреќен на свет доколку нема потреба да влегувам игра затоа што верувам во своите соиграчи“, додаде Лазаров.
Натпреварот се игра во недела од 17:45 часот во сц. Борис Трајковски (пренос на ТВ Алфа). Влезници има уште во мал број и се продаваат по цена од 50, 100 и 150 денари.