Во претпоследното коло од Лигата на шампионите, Металург отпатува на гостување кај еден од главните конкуренти за лидерската позиција во групата и сосема очекувано со вториот тим го забележаа седмиот пораз во групната фаза.
Младинците на Лино Червар беа преимпресионирани од настапот против големиот фаворит и беа целосно стегнати во првите 30 минути. По 8 минути игра резултатот беше 3:3 и потоа на терен имаше само една екипа, домаќинот.
Германскиот состав до крајот на првото полувреме го демолираше нашиот тим со серија од 14:0 и на пауза на семафорот стоеше 17:3.
Постот од 25 минути без постигна гол го прекина Филип Талески кога по три минути игра постигна два гола по ред и од тој момент подмладокот на Металург излезе од грчот и во второто полувреме постигна 13 голови.
Дебитантски погодоци во Лигата на шампионите постигнаа Горан Крстевски (роден 1996), Мартин Велковски (1997 година), Бојан Маџовски (1994) и Жарко Пешевски (1991). Најпрецизен беше Филип Талевски со 5 гола, Марко Бувиниќ постигна 3, а Нелоски и Костески по два.
Металурзите го избегнаа неславниот рекорд против Кјелце од пред две години кога беа најнеефикасни со 15 постигнати погодоци. Пораз од 19 голови разлика Металург имаше и пред девет години од Фленсбург на гости.
Последниот натпревар во ЛШ за оваа сезона Металург го игра против Загреб, на 22 февруари во „Борис Трајковски“.