На дебито на новиот селектор Данило Брестовац, Македонија покажа дека местото и е на Европско првенство.
Во рамките од 3. коло од квалификациите за ЕП 2020, „црвено-жолтите“ со 33-34 ги скротија секогаш упорните викинзи. Од самиот старт нашите ракометари како се уште да се адаптираа на амбиентот во далечната земја, па Исланд тоа го искористи. Нашите ракометари 6 минути беа без постигнат гол, за мразот да го скрши Дејан Манасков од пенал кога намали на 2-1.
Од тој момент следуваше период кога Палмарсон со неколку удари од далечина ја чуваше предноста на Исланд, а кога семафорот покажуваше 9 минути игра, „рибарите“ ја зграбија највисоката предност од +3 (5-2).
Како одминуваше првиот дел, Исланд бегаше резултатски, а македонските ракометари се трудеа да останат на пристојна и достижна разлика. Во нападот најрасположени во нашиот тим беа Гоце Георгиевски, Лазаров и Филип Кузмановски кои ја спуштија разликата од 7-3 на 10-8.
Со два експресни гола на Гоце Георгевски, избраниците на Брестовац израмнија на 12-12 во 24' минута, а најдоброто македонско крило со преубав гол од контра ни го донесе првото водство (12-13).
На паузата се замина со 17-17, откако и двете селекции играа гол за гол.
*****
Откако увидоа дека можат да се носат со ривалот и „намирисаа месо“, нашите најдобри ракометари во вториот дел тргнаа посигурно во одбраната, но исклучувањето на Стоилов им овозможи на Исланѓаните да поведат 22-20 во 37' минута.
Тогаш следуваше моментот кој можеби го реши мечот кога се кршеа копјата - Македонија направи страшна серија од 0-4 благодарение на двата убави гола на Манасков и во 46' минута поведовме ние со 2+ (24-26).
Во финишот следуваше тргни-застани на двете страни, голманите ги вадеа топките од мрежа по речиси секој напад на противникот па во таква ситуација Исланд прво поведе преку Палмарсон на 32-31, а Талевски израмни во следниот напад.
На неколку секунди до крајот, Исланд направи прекршок во напад, а на спротивната страна Дејан Манасков даде гол во самиот финиш откако прво промаши пенал, но топката се врати кај него и лесно реализираше за голем триумф од 33-34!
Прв стрелец и најдобар во нашиот состав беше Гоце Георгиевски со седум погодоци а кај Исланѓаните Арон Палмарсон броеше до 11. Капитенот Лазаров постигна шест гола, а Филип Талески пет од кои три во последните пет минути кога се решаваше победникот.
Во недела во рамките од 4. коло играме против Исланд во Скопје, во салата „Борис Трајковски“ и тогаш би требало да го чекираме најмалку второто место во групата и пласман на Европско првенство.