Македонскиот шампион го доби најтешкиот и најатрактивниот противник во првиот меч од новата сезона во Лигата на шампионите. Унгарскиот вицешампион лани беше елиминиран во четвртфиналето од Вардарки, но денеска беше подобар противник и заслужено победи.
Ѓер на стартот поведе со 0:2 и со константно водство од два до три гола разлика беше во предност скоро во текот на целото прво полувреме. Единственото израмнување се случи во 7 минута по двете интервенции на Лејно. Сокач од пенал и Лазовиќ реализираа за 3:3.
Следуваа неколку одбрани на голманките, а потоа гостинките одново стигнаа до водство овој пат од 5:8 по што Кастратовиќ свика тајм аут. Тоа не промени ништо во играта. Вардарки играа слабо во одбрана и направија многу технички грешки во напад.
Унгарките во 20 минута стигнаа и до +4, благодарение на Лоќе од која доаѓаше најголемата опасност и која стигна до 5-от погодок. Потоа беа исклучени Аморим и Кнедликова, но Вардар врза само два гола и не успеа да се врати резултатски. На пауза имаше негатива од 10:13.
Избраничките на Кастратовиќ во вториот дел одиграа уште полошо. Делуваа безидејно, индиспонирано и влегуваа од грешка во грешка. Најголемата негатива ја имаа во 53 минута кога губеа со 8 голови предност.
Ѓер направи две одлични серии. Првата од 4:1, а потоа и од 5:1 што беше клучно дека нема да го испуштат тоа што го градеа уште во првото полувреме.
Маја Сокач со 5 и Андреа Пенезиќ со 4 беа најпрецизни кај Вардарки, а Лејно имаше 11 интервенции. Во следното коло ЖРК Вардар на 24 октомври му гостува на Хипо во Виена.