Откако станаа првата ракометна земја која успеа да ги обедини трите златни пехари на големите натпреварувања во 2008, 2009 и 2010 година, селекцијата на Франција повторно успеа да направи нов хет трик со злато.
Овој пат по успесите на Летните Олимписки игри во Лондон 2012 и Европско првенство 2014-та, тие освоија златен медал на Мундијалот во Катар. За Франција ова е петто злато на Светските првенства, а на втората позиција со по четири ги остава Шведска и Романија.
Стартниот резултат 1:0 беше единственото водство за Катар кој се бореше во текот на целиот меч и успеваше во многу моменти да одржува неизвесност, но класата и квалитетот беа на страната на големиот фаворит кој не ја дозволи најголемата сензација која можеше да се случи на ова Светско првенство.
Французите одржуваа водство од гол-два разлика во првите 15 минути од мечот, а најголемата предност ја остварија во 23 минута кога водеа 13:7. Расположените Капоте и Марковиќ кои постигнаа по 4 голови во првиот дел го одржуваат во живот катарскиот тим и до паузата намалија на 14:11.
Составот на селекторот Онеста, кој трет пат владее во светот со овие ракометари, не успеа резултатски да се одлепи во второто полувреме повеќе од три гола разлика, но моќта и нивното искуство беа пресудни за да не дозволат ниту израмнување на резултатот.
Катарците намалија на -1 само еднаш, во 43 минута, а тоа не им успеа во еден од најважните моменти, на 3 минути на крајот кога од зицер ја погодија стативата. Најслабата точка им беше играта преку крилата кои се обидеа само три пати и не успеаа да реализираат ниту еден гол.
Французите тоа го казнија и во последните минути постигнаа два гола за победа од 25:22.
Најпрецизен ракометар во победничкиот тим е Никола Карабатиќ со 5 погодоци, а кај Катар Марковиќ и Капоте имаат по 7 голови.
Во натпреварот за третото место селекцијата на Полска на пенали го порази бранителот на титулата Шпанија и стигна до бронзениот медал, вкупно четврти на Светските првенства.
Следното Светското ракометно првенство е закажано за Франција во 2017 година.