Македонските ракометари покажаа ново лице, сосема поинакво од она на првиот бараж меч против Фарски Острови и победија со 34:26. На првиот дуел загубивме 34:27.
Беа доминантни на цел натпревар, одиграа со голема желба и борба, многу жар и концентрација во текот на сите 60 минути.
Ова беше ракометна лекција за островјаните кои се во подем и кои потонаа во вулканот Борис Трајковски.
Пресуди македонското срце и инает, упорноста и огромната желба за да се продолжи континуитетот на големите натпреварувања кој трае од ЕП 2012.
На полувреме имавме 19:15, како најава за пеколната драма која следуваше во вториот дел. По само 7 минути игра по паузата, на семафорот стоеше 24:17 или +7, инаку резултат за пенали.
Во 48 минута ги имавме највисоките +9, водство кое го повторивме уште два пати.
Севкупно цел национален тим е за пофалба. Изгинаа и во напад и во одбрана и покажаа кој е газда во Скопје.
Жарко Пешевски заврши како прв стрелец со 8 голови, Кузмановски даде 7, а Марко Митев 6.
Најефикасен кај гостите беше Скипаготу со 8 гола.
За Македонија ова ќе биде вкупно деветто учество на ракометните Мундијали.
Домаќини се Данска, Норвешка и Хрватска во периодот 14 јануари - 2 февруари 2025-та.