Од ден за ден се редар „жртвите“ во спортот поради воениот напад на Путин во Украина.
Кусо време откако ФИФА и УЕФА ги суспендираа руските екипи и репрезентација од сите меѓународни натпреварувања, по препорака од Интернационалниот олимписки комитет истото го стори и ЕХФ.
Следниве одлуки стапуваат веднаш на сила:
- Со непосреден ефект, суспендирани се репрезентациите на Русија и Белорусија, како и руските и белоруските клубови кои се натпреваруваат во европските ракометни натпреварувања. Ова важи до понатамошно известување и се однесува на сите тековни натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво.
- Судиите и официјалните лица од Русија и Белорусија нема да бидат номинирани за идните натпревари до дополнително известување. Предавачите и членовите на комисијата од Русија и Белорусија нема да бидат повикани на идните состаноци и активности.
- Ќе се бараат нови организатори за „YAC 16 EHF Handball EURO“ и за квалификациските турнири за ракомет на плажа ЕП 2023. Двата настани требаше да се одржат во Москва во јули 2022 година.
Дуелот меѓу Мешков Брест и Вардар кој требаше да се игра на 2 март е одложен и ќе биде регистриран со службена победа на црвено - црните.
Тоа значи дека Вардар е се поблиску до пласман во осминафиналето од ЛШ, кое може да го завери уште ова коло, доколку Загреб загуби од Кил или Елверум од Пик Сегед. Другата шанса им е во последното коло на 9 март да одат на триумф против Елверум или нерешено.