Вардарци го забележаа вториот пораз сезонава во Лига на шампиони и вкупни четврти. По Кил, Веспрем и Кјелце, скалпот им го зема и Мешков Брест кој како домаќин ги декласираше со 31:22.
Европскиот првак практично се распадна во финишот од средбата кога многу лесно во секој напад примаше голови. До 50-та минута домаќините водеа само гол разлика, а потоа го торпедираа противникот.
Во првиот дел се играше израмен ракомет гол за гол, а одлично му одеше на капитенот Стоилов кој постигна 5 гола. Пред крајот на првото полувреме Вардарци стигнаа до +2, највисоки на мечот, но на пауза домаќините водеа 13:12.
Хендикеп и за овој натпревар на Кокшаров му беше бековската линија каде се уште ги нема отсутните Дисингер и Горбок, а во вториот дел повредата на зглобот ја обнови Криштопанс.
Играта седум на шест повторно не вроди со плод, а одбраната целосно потфрли, особено во последните 10 минути кога капитулираше Вардар.
Најпрецизен кај македонскит тим беа Стоилов со 6, а Атман и Дибиров постигнаа по 4 гола.
Битката за пласам во следната фаза за Вардарци сега станува потешка бидејќи паднаа на шестата позиција со 9 бода, пред Мешков кој има 4, а Мотор 2. Пред нив се Порто и Кјелце со по 10, Монпеље има 11, Веспрем 12, а Кил 14.
На 1 декември во Јане Сандански гостува Веспрем.