Ракометарите на Вардар лошо го отворија финалниот меч и во првите 5 минути беа без постигнат погодок со негатива од 3:0, но најразположениот поединец во црвено црниот табор Тимур Дибиров не дозволи поголема серија на противникот и намали на 3:2.
Мешков Брест зголеми на +2 но рускиот репрезентативец, го постигна и третиот погодок за Вардар. Тој беше најзаслужен што Вардарци конечно го израмнија резултатот, а тоа се случи прв пат во 14 минута токму со негов погодок.
Белорусите беа одлично организирани во нападот и повторно имаа свои моменти на мечот на кои направија серија од 3:0. Нашите ракометари повторно ја вратија големата неизвесност и направија три израмнувања до крајот на полувремето на кое заминаа со негатива од 14:15.
Неизвесен ракомет имаше и во вториот дел од мечот, а првото водство на Вардарци се случи во 39 минута со голот на Прибак негов прв на натпреварот. Избраниците на Гонзалес полека почнаа да ја демонстрираат својата моќ и во 45 минута стигнаа до предност од 23:20.
Дибиров продолжи да го полни голот на Мешков Брест и во вториот дел, голот одлично го чуваше Малумбрес, а на пет минути до крајот Вардар имаше комотна предност од +5. Нашите ракометарите се опуштија во финишот и на крајот стигнаа до триумф од 29:27 доволен за големо славје.
Во третата сезона откако се формираше регионалната СЕХА лига, за Вардар ова е е втора круна во трите одиграни финалиња.
Творец на првиот трофеј оваа сезона за Вардарци, прв и за тренерот Раул Гонзалес е Тимур Дибиров со одлични 11 погодоци и МВП признание на турнирот. Со фантастични 12 одбрани мечот го заврши Малумбрес.