Како што најави тренерската двојка на Вардар, Јан Питлик и Индира Кастратовиќ, Вардарки одиграа цврста и сигурна одбрана од која произлезе ефикасната победа. Данскиот првак Митјиланд во Скопје допатува на крилјата на големиот триумф против Ѓер минатата недела, но на паркетот попладнево во Скопје постоеше само еден тим.
Митјиланд поведе 0-1, а на домаќинките им требаа осум минути да го фатат потребниот ритам и да поведат високи 6-2. Агресивната игра во одбраната ја надополнуваше и капитенот Ина Суслина која имаше седум одбрани само во првото полувреме. Ракометарките со исто име, Андреа Пенезиќ и Лекиќ беа нерешлива енигма за гостинките и беа најзаслужни што на семафорот после првиот дел стоеше 16-8.
Алена Ихнева и Јованка Радичевиќ ја станаа публиката на нозе на стартот од вториот дел со голови кои го однесоа Вардар на високи 19-9. Сепак, падот на концентрацијата беше неминовен и Скопјанки примија четири голови во серија на средината од вториот дел, без да постигнат ниту еден по што Митјиланд се врати на 28-24 Имаа Данките и шанса за -3, но не го погодија голот на Ихнева, по што следуваше казна на другата страна и затворање на мечот со триумф на Вардар од 33-24.
Најефикасна ракометарка во Вардар беше Андреа Пенезиќ со 10 голови. Јованка Радичевиќ на своето конто запиша шест, а Лекиќ го заврши мечот со пет постигнати погодоци. На вториот натпревар од групата, Ѓер очекувано го совлада Хипо на гости 29-21. Вардар сега е прв на табелата, а следниот меч го игра во Данска против Митјиланд на 8-ми ноември.