Со голема поддршка од 4.500 гледачи и фуриозен старт, Црногорките демонстрираа зошто се актуелен европски првак. Серијата 8-2 беше речиси како нокаут за избраничките на Кастратовиќ, затоа што после таа негатива тешко се приближуваа резултатски.
Драгана Цвијиќ на пивотменската позиција делуваше како да е на тренинг, затоа што погоди се што шутна. На полувремето, Будуќност водеше убедливо, 16-8, по што победникот во салата Морача беше извесен. Во вториот дел Вардарки се што направија е приближување какво такво на 21-17, но тоа повторно како да ги разлути домаќинките кои до крајот го решетаа голот на гостите од Скопје.
Во ситуација кога одбраната на Вардар како да не постоеше, а јаловите напади се редеа еден по друг, голманката на Будуќност, Ждериќ го улови секој шут и на крајот забележа дури 19 одбрани.
Конечниот епилог 31-19, со оглед на играта на Вардар е сурово реален и сега шансите за пласман во четвртфиналето се значително намалени. Маја Сокач со 5 гола беше прв стрелец во Вардар, а Цвијиќ запиша 7 погодоци, 6 постигна Катарина Булатовиќ а Романката Неагу која неодамна стана европски вицепрвак со Романија 5 пати се запиша во листата на стрелци.
Во женската Лига на шампиони следува пауза од три недели, после што продолжуваат борбите за четвртфиналето.