Европската одисеја во најелитното клупско европско натпреварување Металурзите под водство на Лино Червар ја почнаа во сезоната 2010/2011, но стигнаа само до квалификациите каде во друштво на Динамо Минск, Порто и Мотор Запорожје не успеаа да влезат во групите.
Првите голови во Лигата на шампионите Мојсовски ги постигна против Динамо Минск на домашен терен, меч кој го загубија со 21:27, но со оглед на тоа што не се работеше за натпревар во групната фаза, тие не му се бројат.
Во следната сезона Металург ги мина квалификациите против Макаби и Хаслум, а во група се падна со Хамбург, Ориен Висла Плок, Сант Петерзбург, Костанца и Копер. Мојсовски имаше одлична сезона со 72 голови, а клубот стигна до осминафинале.
Во 2012/2013 Металурзите повторно се пласираа во нокаут фазата преку квалификациски циклус, но овој пат стигнаа до прво четвртфинале каде пречка беше Киелце. За Мојсо ова беше сезона за паметење и поради успехот на неговиот тим и поради неговата рекордна сезона од 77 голови.
Минатата сезона публиката во „Борис Трајковски“ повторно се радуваше на пласман во помеѓу најдобрите 8 екипи во Европа, а поради тешката повреда на коленото Мојсовски пропушти голем дел од мечевите и запиша 34 голови.
Сезонава тој е втор стрелец во клубот со 23 голови, зад Филип Миркуловски кој е лидер со 27.
Со 11-те голови против Ла Риоха, Стружанецот втор пат во својата кариера стигнува до двоцифрен број на погодоци во Лигата на шампионите. Најпрецизен беше против полскиот клуб Ориен Висла Плок кога Металург на 20 октомври 2011 година победи со 31:27, а Мојсо запиша 12 голови.
Тим на колото во ЛШ:
Лево крило – Гудјон Валур Сигурдсон (Барселона)
Лев бек – Наумче Мојсовски (Металург)
Среден бек – Микел Хансен (ПСЖ)
Десен бек – Кристијан Цајц (Веспрем)
Десно крило – Драган Гајиќ (Монпелје)
Пивот – Растко Стојковиќ (Брест Мешков)
Голман – Хозе Мануел Сиера (Пик Сегед)
Решавачкиот гол против Ла Риоха: