Соопштение на навивачите на Вардар пред Розенборг

Најдобрата сезона на Вардар на европска сцена полека доаѓа до самиот крај. Одисејата низ континентот завршува во Скопје, во четврток против Розенборг а Комити имаат посебна желба.

Во четврток од 21:05 македонскиот првак ќе ја игра последната средба од групната фаза на Лига Европа. Вардарци на пет меча дадоа два, а примија 19 гола, па дојде време да им се оддолжат на верните Комити кои патуваа секаде само за да ги бодрат. Од таа причина се огласија и најверните:

„Дојде време да се збогуваме со настапите во елитното натпреварување Лига Европа…Годинава беше добра школа за тоа со какви предизвици треба да се соочиме доколку сакаме да бидеме дел од ова друштво почесто и постојано… Лекциите се научени, се судривме со клубови поорганизирани од нас, екипи кои знаат што сакаат, и безмилосни при нашите дуели… Се соочивме со предизвикот да се настапува на три фронта, без да ги фокусираме силите посебно кон еден од нив, па со тоа шансите за титулата се сега само теоретски, во купот сме на работ на црвената линија и можноста да останеме без ниту еден трофеј, но доколку некаде треба да се фокусираме вистински иако немаме никакви шанси, и се е во рамките на престижот и оставање подобар впечаток, тоа е секако дуелот со Розенборг во четврток… Сакаме достојно да се збогуваме од елитното друштво, сакаме награда за напредокот во играта во последните дуели одиграни на гостински терен во Шпанија и особено во Русија… Сакаме победничкиот менталитет од ракометниот дел од семејството биде пренесен и на фудбалскиот… Сакаме нашата песна по завршувањето на овој дуел да биде победничка а не утешителна… Сакаме на Европа да и најавиме дека во следните наши настапи од овој тип (веруваме многу скоро), ќе бидеме конкурентни за победа и пласман во натамошна фаза…
СОБИР: СОБОРЕН ХРАМ 18:30ч.“

Розенборг е трет со една победа (против Вардар во Норвешка) и едно реми со Зенит на домашен терен. Понатаму одат Зенит и Реал Сосиедад кои се убедливо напред на првото и второто место. Треба да се напомене и дека навивачите на скопскиот клуб беа бројни на секој натпревар, не престануваа со навивање и на резултат 0-5 и беа 12-ти играч на Вардар.

5 декември 2017 - 16:33