Лацио ова лето остана без триото Луис Фелипе, Фелипе Андерсон и Чиро Имобиле. Последниот како капак и шок за навивачите на Лацио кои уште се во неверување дека во напад следната сезона ќе го немаат капитенот, Златната копачка и пред сè рекордер во историјата на клубот со 207 голови.
За да се пополнат тие дупки газда Лотито работи во свој стил како многу пати во изминативе 20 години. Купува или ангажира на позајмици сомнителни и недокажани играчи.
Навивачите вријат, како и многу изминати лета, а на подготовките поставија кутија врз канта за ѓубре, на која напишаа дека служи за собирање пари за засилувања.
Симболичниот протест се однесува на изјавата на Клаудио Лотито кој рече дека ако сакаат големи имиња, тогаш нека дадат пари.
„Лацио купи шест играчи, другите кого купија? Потрошивме повеќе од Јувентус“, гласи изјавата на претседателот на Лацио кој очигледно живее во некој паралелен универзум.
„Навивачите сакаат големи имиња? Нека дадат пари. Минатата сезона што направи Имобиле? Тоа е како да имаш кола што застанува на улица. Филозофијата на фудбалот е поинаква во денешно време. Потребна е способност за трчање и одлучност. Погрешно е да се зборува за поединци“.
А сега да видиме за што зборува Лотито и дали ова ќе биде неговата нова канта за ѓубре од играчи.
И полека да не искршите јазик кога ќе ги читате.
Лум Чауна роден во градот Нџамена во африканската држава Чад. Се работи за 20 годишен напаѓач од Салернитана, вториот клуб на Лотито, каде фигурира како газда во сенка. Трансфер (ако може така да се крсти), 8 милиони евра.
Тијани Нослин, исто така напаѓач, роден во Амстердам кој пристигна од Верона за 9 милиони евра. Претходно играл во холандскиот тим Фортуна Ситард на стадион со 12.500 седишта.
Третиот е играч од среден ред и доаѓа на позајмица од Хатајспор за 2 милиони евра. Се вика Фисајо Деле Баширу, роден е во Германија, а неговите се од Нигерија.
Крањоти ги чита ликовиве и се крсти со две раце.
Да речеме дека четвртиов се двои малку, па дури и изненадува од каде доаѓа, а тоа е 24 годишен Португалец на позиција лев бек, кој како член на Арсенал лани бил на позајмица во Нотингем Форест. Ама нешто не се изнаиграл. Само 8 настапи во Премиер лига и вкупно 12 на сите натпреварувања.
И да, ќе заборавевме за малку. Лацио има и нов тренер. Марко Барони од Верона. Најголем успех му е прво место со Лече, ама во втора лига.
Крај на една славна ера во Рим, заминува кралот на головите Чиро Имобиле