34 годишниот Имобиле кој два пати гостуваше на Градски во Скопје, а првиот пат ја реши Македонија со два гола и пресврт, денеска и официјално преку прес конференција ќе се збогува со навивачите на Лацио.
Новата дестинација е малку невообичаена, но е проверена. Се работи за Бешикташ со кој ќе потпише две годишен договор за одлична плата од 6 милиони евра по сезона. Во Лацио заработуваше по четири.
Повеќе од тоа чекмеџето не го одврзуваше контроверзниот Клаудио Лотито, најомразениот лик меѓу навивачите на Лацио против кој навивачите протестираа и ова лето и бараа да го ослободи клубот и да си замине.
Имобиле претходно одби арапски пари од Саудиска Арабија за да го испочитува договорот до 2026-та, во клубот во кој стана легенда рамо до рамо со Пиола, Кинаља, Сињори, Неста.
За Истанбул се консултирал и со Мертенс од Галатасарај и Бонучи кој токму во Бешикташ ја заврши кариерата.
„Чиро сфати дека неговиот циклус во Лацио е завршен. Даде сè за клубот, па дури и повеќе од тоа. Тимот на кој е лидер и капитен повеќе не постои“, пишува Газета дело Спорт, алудирајќи на повеќе фалинки на клубот, почнувајќи од бледата сезона по која од ЛШ пак се врати во ЛЕ па сè до катастрофалната трансфер политика.
Лани Лацио остана без архитектот на играта, Сергеј Милинковиќ Савиќ, а ова лето без Луис Алберто, Фелипе Андерсон и Чиро Имобиле.
Големата четворка, која беше костурот на тимот кој сезоната 2022/2023 под водство на Сари заврши втор, влезе во ЛШ и во една сезона ги победи Рома (два пати), Јуве, Милан, Интер, Наполи, Фиорентина и Аталанта.
Клуб кој 20 години е предводен од диктаторска сивоња. Дрзок со агенти и новинари, патолошки лажго на тема трансфери и човек кој редовно заспива на состаноци.
Во 2009-та му вршеше мобинг на Пандев, но го загуби судскиот процес. За неговиот нелегален начин на работа неодамна зборуваше и самиот Горан Пандев на кој сакал да му подметне договор на црно.
Во изминатава сезона ниту Имобиле имал некој идиличен однос со него, а плус немаше и голема минутажа како претходно. Ја заврши со вкупно 11 гола, најмалку откако е во Рим.
И како на кванташки пазар за секој трансфер, така и за овој Лотито се ценкал со Турците и за трансферот на најдобриот стрелец во историјата на клубот.
Тие му давале 3 милиони евра, тој им барал 5. Но како конечна останала пвата понудена сума. Тоа се должи на падот на формата на Имобиле и се разбира годините (34).
„Љубов и раздор, соединување и неединство, чувства и приказни кои во последната година се изгубија една во друга. Треба да има статуа од Чиро Велики. Споменик кој трба да се посвети на неговата вредност. Ова збогум е лош, а најлош е поради тоа како заврши. Тој беше митолошки капитен“, пишуваат италијанските медиуми за емотивната разделба на човекот кој ја промени историјата во Лацио.
Зборуваме за напаѓач со рекордни 207 гола кој зад себе ги остави Пиола (159), Сињори (127), Кинаља (120).
За 8 сезони, три пати стана прв стрелец во Серија А, а еднаш и Златна копачка со 36 гола. Го израмни рекордот на Игуаин во Наполи кој беше единстен со рекордни 36 гола во една сезона.
Најдобар стрелец во Серија А стана и во сезоната 2013/2014 како играч на Торино, а еднаш и во Лига Европа со Лацио која во сезоната 2017/2018 постигна 8 гола.
Освои два Супер Купа на Италија (2017 и 2019) и еднаш Куп (2019). Круна во кариерата му е титулата европски првак со Италија 2021.
Во Лацио од следната сезона ништо повеќе нема да биде исто без Чиро Имобиле.