Навивачите на Ливорно стадионот го претворија во гробишта

Пред 13 години играа во Куп на УЕФА, а сега се третолигаши со неизвесна иднина дали воопшто ќе постојат поради финансиските проблеми кои ги имаат. Нивните навивачи познати пo својата политичка определеност, се истакнаа со морбиден потег.

Ливорно кој пред 15 години беше незгоден противник во Серија А, сега е член на Серија Ц и во опасност дека може да банкротира. Таквото најнепосакувано сценарио за навивачите до толку ги изреволтира што на управата на клубот и се заканија на језив начин.

Ставија три крста на кои ги напишаа имињата на директорите, како и една свинска глава, а зад нив закачија банер со смртни закани: „Ќе платите за ова, ќе платите буквално“.

Инаку Ливорно на кој најголем успех во италијанскиот фудбал им е второ место во прва лига во далечните 1920-та и 1943-та, го паметиме по нивните најубави времиња во најновата историја на Серија А, каде се вратија во сезоната 2004/2005 после пауза од 55 години.

На нивниот прв меч на трибина се појави тогашниот претседател на Италија, Чампи кој е нивен навивач за кој навива уште од детството, а сезоната ја завршија изненадувачки на 9-та место. Најзаслужен за тоа беше Кристијано Лукарели кој заврши како најдобар стрелец на сезоната пред шпицови како Шевченко, Дел Пјеро, Ибрахимовиќ, Адријано...

Во тоа време го водеа Роберто Донадони, па Карло Мацоне, а во следната сезона успеаа дури и да се изборат за место во Купот на УЕФА каде ја минаа првата фаза.

Ливорно беа топ тема во медиумите и поради нивните навивачи кои често се истакнуваа по своите левичарски идеолошки ставови, здружени во братски триаголник со оние на Марсеј и АЕК Атина. Најжестоки судири имаа со десничарите како што се навивачите на Лацио, Интер и Верона.

Ако во Лацио најпознат десничар беше Паоло Ди Канио кој во една прилика ги испровоцира со кревање на десна рака, во Ливорно тоа е левичарот Лукарели кој им беше главна карика и стигна до репрезентативен дрес.

Контроверзниот напаѓач го носеше дресот со број 99, како омаж на левичарската група на ултраси од Ливорно основана во 1999-та. Неговата прослава на гол се состоеше од поздрав со тупаница, кој е познат гест на комунистите.

Тој отворено зборуваше дека е приврзаник на комунизмот, а ринг тон на мобилниот му беше „Бандиера Роса“. Во една прилија изјави:

„Ние Ливорно не добиваме никакви услуги од судиите, затоа што сме комунисти“.

Во една прилика при прослава на гол за Италија У-21 под дресот носеше маица со ликот на Че Гевара. И покрај тоа што тврдеше дека тоа не е политички гест, беше игнориран во репрезентацијата, се додека Марчело Липи не му даде шанса на пријателска.

Лукарели, кој сега е тренер на Тернана во Серија Ц, а пред две години го водеше Ливорно, му влезе насилно на Пандев со тупаница во нос, откако нашиот напаѓач му донесе водство на Лацио и помина само со жолт картон.

22 октомври 2020 - 16:24