На крајот од ’90-те, неколку години пред Флорентино Перез да ги состави „Галактикоси“, таков проект направи Лацио. Ги собра најголемите ѕвезди на европскиот крем.
Римската верзија не траеше долго поради банкротот, но освоеното скудето и трофејот во Купот на Италија кои ги славеа Недвед, Неста, Манчини, Станковиќ, Симоне Инзаги, Салас и Михајловиќ се паметат добро.
Најскап трансфер на Лацио во летото 1998-ма беше младиот расен стрелец Кристијан Виери. Прав бомбардер. Неговото враќање во Италија од Атлетико Мадрид чинеше 50 милијарди лири (тогаш околу 25 милиони евра). Бомбастичен трансфер во тоа време.
Парите ги изброил претседателот на Лацио и сопственик на моќниот консерн Cirio. Тогашниот тренер Свен-Горан Ериксон еднаш изјавил: „Претседателот ми ги исполнуваше сите желби. Кој играч и да ми беше желба веднаш го носеше. Еднаш му се јавив и срамежливо му кажав само: ’Виери’“.
Цената го зашеметила и самиот Крањоти. „Тоа се вреќи пари“, рекол контроверзниот газда на Лацио а Швеѓанецот спуштил раменици: „Сфаќам“.
Но на општо изненадување тренерот и претседателот по неколку дена се качиле во авион и полетале за Мадрид.
Но трансферот на Бобо Виери неочекувано донел несакани последици. Секако не на теренот каде тој постигна 12 гола во серија и имаше фантастичен настап против Мајорка во финалето на Куп на Купови. Грандиозниот трансфер како рикошет ја намалил продажбата на млеко.
Компанијата на Крањоти доставувала млеко во речиси сите кафулиња и продавници во Рим. Но во еден момент продажбата на млеко почнала да опаѓа затоа што навивачите на Рома решиле да го бојкотираат гигантот.
„Ние ќе му купуваме млеко од рафтовите и на тој начин ќе им помагаме на комшииве да прават луксузен тим? Епа нема да може“, била реакцијата на Романистите.
И не само тоа, навивачите на Рома објавиле „капучино-бојкот“ - на одредено време се откажале од вековниот ритуал и престанале да пијат капучино зошто скоро секаде го правеле со млеко купено од Cirio. Млекото кое е со ограничен рок останувало со денови на полиците а многу навивачи на Рома кофеинот го црпеле од другите кафиња без млеко.
Бојкотот не траел долго но тоа не го намалил подвигот на тифозите на Рома во обидот „на комшијата да му цркне кравата“ и на тој начин докажале дека фудбалот влијае дури и на утринската арома. Градското вечно дерби Лацио - Рома се игра во недела од 20:45.
А за тоа каков мангуп беше и уште е Кристијан Виери тука.