Претседателот на Југоисточниот полициски синдикат на Атика, Јоргос Калиакманис во гостување на ЕРТ зборува за грешките на неговите колеги, офицери кои на крајот доведоа до губење на животот на 29 годишниот Михалис Кацурис, кој беше убиен ноќта меѓу понеделникот и вторникот во пресрет на дуелот АЕК Атина - Динамо Загреб кој се одложи.
„Млад човек го загуби животот. Нема оправдување. Што се однесува до влезот на тие луѓе во Грција, имало документ од хрватските и од црногорските власти во кој се вели дека овие конкретни криминални, бидејќи овие луѓе биле криминалци, ќе влезат во земјата и ќе се обидат да отидат во главниот град и да предизвикаат немири.
Всушност во овој документ се споменуваат и регистарски броеви и марки на автомобили. Така што полицијата многу лесно би можела да им забрани на овие луѓе да влезат, иако се европски државјани кои доаѓаат од шенген земја“, вели Калиакманис.
Што се однесува до одговорноста на полицијата, тој објаснува дека оправдана е огорченоста на министерот и на шефот на грчката полиција.
„Се додека доаѓаат информациите, сите сме револтирани, јас сум револтиран како полицаец, не е можно некои полицајци да се однесуваат на таков детски начин“.
Калиакманис вели дека оперативниот центар постојано се јавувал во подрачните служби и прашувал дали поминале Хрватите, но некои не ги отвориле документот за да знаат зошто се поставува такво прашање, какви Хрвати се тие и зошто доаѓаат.
„Некои не ни знаеја за документот. Не го прочитаа. Итниот, таен документ зборува за луѓе, за криминална организација. Па ако беа Турци и поминеа граница, дали ќе можеа да стигнат до владата? Ова е неприфатливо“, заклучил Калиакманис.