Фанови на СД Вардар: Самсоненко ни остави две титули во ЛШ и пласман во ЛЕ во фудбал, но ги запусти двата клуба долгорочно

РК Вардар нема никаква реакција до јавноста за егзодусот кој му се случи на европска сцена, па како и во сите претходни тешки мигови за клубот, со свој став се изјаснуваат нивните најверни навивачи. Прстот го вперуваат на две страни.

Долго време не сме објавиле ништо на страната.

За тоа време Тале кој непрекинато го критикувавме овде, се издигна и стана лидер на РК Вардар, нешто за кое му должиме извинување и голема благодарност.

Денес се прашуваме дали РК Вардар ќе доживее иста ваква преродба во догледно време?

Денес вината не треба да ја бараме ниту во ЕХФ (да, веројатно сакаа да прошверцуваат некои екипи како Загреб или Алборг на наш грб), ниту кај битолчани и Алкалоид (кои тријат раце во моментов), туку исклучиво во нашите редови.

Се знаеше дека уште од 2018 се тегнеме со долгови и кога тогаш ќе не снајдеше ова сценарио.

Греота за Михо (па и Борко) кои душа оставија барајќи спонзори, додека од сите страни само им лепевме критики, барајќи играчи како оние од времето.

Вината е на две страни.

Првиот - Сергеј Самсоненко. Ни остави две титули во ЛШ во ракомет и пласман во ЛЕ во фудбал, на сметка на тоа ги запусти двата клуба долгорочно.

ФК Вардар едвај крпи во втора лига (нека не ве лажат резултатите, ниту таму не е најсјајна ситуацијата), немаме свој терен, цело Скопје го прошетавме годинава. Самс не избрка од парк, ги зема академиите кои му припаѓаа на Вардар скоро цел век. Најново е дека поради долгови од новото раководство, избркани сме и од Хиподром.

РК Вардар исто така нема своја сала. Кале ја дадоа на КФМ, а Јане Сандански на МОК (ние сме кираџии, а прашање на време кога ќе добиеме шут карта).

Како сираци, се крепиме на стара слава.

Втор - државата.

Сте виделе друга југословенска држава во која пропаднал клуб кој бил репрезент на државата во екс Ју? Никаде. Па Ѕвезда и Партизан имаат сто пати поголеми долгови, ама секогаш се наоѓа начин да ги решат. Спортот е најголем репрезент на една држава, особено на една мала како Македонија.

Ама слепците од НАШАТА ДРЖАВА, свесно оставија да пропадне Вардар. Ајде што немаа никаков абер за вложување, а во двор имаат двократен европски првак, уште не мрднаа со прст за да го тужат Самс (што беше должност на Град Скопје)

Во фудбалот владее Груби, кој за да ја направи неговата Слога шампион, спречи секакво решавање на ситуацијата во Вардар.

Ама бар во ракометот не бодевме очи на никого. Михо смогна сили и две години со срце го исплескавме директниот конкурент.

Оваа ситуација не му оди на никого во прилог. Македонскиот ракомет вртоглаво ќе го загуби рејтингот и сите екипи што сега се ситат, може да сонуваат дека ќе играат во ЛШ. Да не коментираме дека без Вардар, мало морген дека ќе носат некои добри играчи во боранија лига ко нашата.

Ова бркање од Европа е крајот за нас. Веројатно ќе следат заминувања на сите играчи и ќе имаме само епизодна улога во првенството.

Комити во овие година дена се кренавме за инает на сите и овој наш нагорен тренд треба да продолжи и годинава. Не е лошо да има организиран протест за поддршка на РК Вардар. Доста се китеа сите со неговите успеси, се сликаа кога бевме први, нека одврзат малку кесињата, да се спаси она што може да се спаси.

Виа

23 јуни 2022 - 08:51