Да си жива и здрава и да го бодриш Атлетико до 101

Тоа што кај нас е роденденска честитка, Ана од Бразил сериозно си го сфати. Издржа јуначки еден век и нешто ситно и се одјави. На колку? Па на 101 година. И тоа до последно одеше на стадион. Царица.

Ана Кандида е доста позната навивачка на Атлетико Миниеро и ја сметаат за симбол на клубот, а во Бело Хоризонте, каде што е родена во 1920-та година ја знаат како „Бабата на петлите“.

Нејзиниот омилен клуб е постар само 12 години од нејзе. Се радуваше на титулата во бразилскиот шампион и лани и кога ја освоија првата пред половина век, во 1971-ва година.

Најстарата навивачка на Атлетико дишеше со клубот на секој натпревар и јакото е што до крај одеше да ги бодри на стадион, па дури и кога почна короната.

Имаше илјадници фанови на Фејсбук, даваше интервјуа и потпишуваше автограми.

„Го сакам фудбалот, не знам каде би била без него. Ме одржува млада“, велеше Ана, која стана мајка, баба и прабаба.

Погледнете со каква страст ги следеше натпреварите на Атлетико.

 

21 јануари 2022 - 14:50