По триумфот во Унгарија против Солнок, МЗТ Скопје загуби дури седум натпревари во серија, а ништо подобар учинок во вториот дел од сезоната нема ниту Цибона.
Во дуелот на „ранетите“, почетните напади ѝ припаднаа на Цибона која поведе 4:0 на стартот. МЗТ Скопје брзо ја консолидираше играта и преку Шеховиќ и Лучиќ поведе прво 15:10, а четвртината ја заврши со седум поени предност, 17:10.
На паузата пред почетокот на втората четвртина, тренерот Алеш Пипан видно нервозен бараше уште поагресивна игра од своите кошаркари. Тоа вроди со плод и МЗТ по 18 минути игра водеше со девет поени предност, 32:23.
Владо Илиевски ги држеше Загрепчани во игра, но Цибона освен што има прилично млад тим, не може да се пофали со долга клупа, така што Илиевски не беше доволен за поголем отпор на Цибосите. Самарџиски, Лучиќ и Чапин ги користеа дупките во одбраната на гостите и на полувремето заслужено водеа 38:29. Капитенот Лучиќ беше најефикасен во првиот дел со 11 поени и три скокови.
Цибона направи серија 8:0 на стартот од второто полувреме, во кое на МЗТ му требаше пет минути да влезе во ритам и преку Шеховиќ да се врати на 46:37. Аеродромци имаа 27 скокови до третиот период, а Хрватите 19 и благодарение на тој сегмент, МЗТ во последните 10 минути влезе со 57:48.
Избраниците на Пипан играа стабилно и во последниот период, кој го решија во своја корист и заслужено победија на последниот натпревар на домашен терен сезонава во Јадранската лига. Во најзрелата игра на МЗТ Скопје сезонава, Урош Лучиќ постигна 16 поени со 9 скокови. Марко Симоновски запиша 15 поени и 4 скокови, а Суад Шеховиќ 13 поени. Владо Илиевски и Жижиќ уфрлија по 13 погодоци за Цибона.