Војдан Стојановски се радуваше против НБА шампионот

Кошаркарите на Алба со кош во последните мигови од средбата направија сензација против Сан Антонио Спарс во полната „О2 арена“ во Берлин каде настапи и македонскиот репрезентативец.

Џамел Меклин е јунакот на германскиот состав откако успеа со звукот на сирената да го шокира шампионот на најсилната кошаркарска лига во светот.

Спарси имаа водство на 5 секунди до крајот и напад, но ја загубија топката и примија кош со што домаќините стигнаа до пресврт од 94:93 за огромна радост против ѕвездите од НБА кои играат подготвителни натпревари низ Европа пред стартот на новата сезона.

Војдан Стојановски доби мала минутажа од околу 6 минути кои ги искористи за 4 поени кои ги постигна без промашување. Кај неговите соиграчи најпрецизен беше Меклин со 18 поени, а кај гостите најдобар беше Паркер кој запиша 28 коша.

9 октомври 2014 - 00:15