Венсан Коле како Наполеон после победата над Шпанија

Француската репрезентација на светското првенство дојде прилично ослабена, но и покрај тоа втора година по ред ѝ застанаа на патот на Шпанија.

„Ние знаеме дека во францускиот не постои зборот „невозможно", а утринава кога ги тргнав завесите во собата, смеам да се заколнам дека го видов сонцето од Аустерлиц (најголемата победа на Наполеон). Верував дека можеме да ги задржиме Шпанците под 70 поени, но не и на 52", изјави селекторот на Франција Венсан Коле по големата победа над Шпанија.

Освен неговите играчи, и Коле неколку пати повтори дека рецептот за успех на неговиот тим лежи во тимскиот дух. Победата над Шпанците е голем триумф, но се' уште не гарантира ниту бронзен медал, затоа што триколорите ги чека полуфинале со Србија.

„Во вторникот вечерта го одработивме најдобриот тренинг по интензитет, прецизност и дисциплина. Дури и играчите кои не играа против Шпанија, Тили и Каиди беа најпрецизни. Немој да ја смалувате вредноста на оваа победа, затоа што бевме тотални аутсајдери против домаќинот. Имавме тешки моменти, посебно на почетокот на вториот дел, но благодарение на одличната одбрана, браната не попушти", видно задоволен зборуваше Коле пред новинарите.

Од друга страна, селекторот на Шпанија, Хуан Антонио Оренга не успеа да го изнесе товарот на големите ѕвезди во тимот и очекувањата на шпанската јавност. Во шпанската кошарка, Оренга ќе остане запаметен како човек кој ја превзема селекцијата која беше актуелен европски првак и олимписки вицешампион во Лондон, а во само две години претрпе два тешки удари.

Под негово водство, фуријата најпрвин испадна во полуфиналето на ЕП во Словенија и сега без медал на СП во својата земја.

„Сите имавме сон за патот до финалето на Мундијалот. И јас и екипата и федерацијата и целата нација. Ова беше навистина тежок пораз за сите нас. Сонот не се оствари“, вели Оренга, во моментов најомразената личност во Шпанија.

Како и лани во Словенија, така и сега, Шпанците потклекнаа пред Франција.

„Французите играа одлично, покажаа дека се ментално подготвени а одиграа и фантастична одбрана. Добро ги читаа сите ситуации, го контролираа скокот а не' запреа и во нападот", потиштено констатираше Оренга, на кој му се бројат деновите на клупата на Шпанија.

11 септември 2014 - 12:24