Долга е листата на трофеи и признанија на еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња. Легендарниот Тони Кукоч денес слави 52 роденден.
Пред точно една недела во Сплит била претставена една монолитна клупа направена во чест на Тони Кукоч и големо благодарам на Сплиќаните за се што направил за кошарката. На монолитната клупа стои натпис: „Помеѓу обичен кош и добра асистенција, секогаш бирам добра асистенција“, фраза која го следеше во текот на цела кариера.
Тони Кукоч пред да заигра кошарка, тренирал фудбал и пинг-понг, а после на една сплитска плажа го здогледал легендарниот тренер Иво Карковиќ и го викнал на проба во КК Сплит. Сè понатаму е историја.
Многу драги му се трофеите со Југопластика во Евролига:
„Сите три титули се посебни на свој начин, а првиот е најпосебен поради тоа што никој не го очекуваше. Уште бевме деца, полни волја и желба, полни самодоверба но и почит кон Барселона и Макаби кои беа големи екипи. Но после полуфиналето во кое ја добивме Барселона, сакавме да одиме до крај, добро го отворивме мечот и на крај одигравме рутински како ветерани“, вели Тони Кукоч за хрватски 24 sata.
Тончи се сеќава каков спектакуларен прием имале по враќањето во Далмација. Реки навивачи оделе кон салата на Југопластика.
„Уште во авион слушнавме дека Сплит е на нозе, но таква лудница никој не очекуваше. Откако слетавме во Ресник додека не отидовме дома, сите беа околу нас. Не памтам таква фешта а колку што знам уште еднаш или два пати нешто такво се случило во градот“.
За Југопластика Кукоч играше од 1987 до 1991 година и освои 4 титули, 2 Купа и три пехари во Евролига (еднаш против Макаби и два пати против Барселона).
Светот добро го запозна Кукоч на Светското првенство 1990-та година во Аргентина кога репрезентацијата на Југославија освои злато а Тони стана најдобар играч (МВП) на Мундијалот.
Со Хрватска има бронза на Светско и Европско првенство и две злата и бронза со Југославија.
Во 1993-та година од Бенетон премина во славните Чикаго Булс на Мајкл Џордан и испиша историја. Беше дел од најдобриот тим во НБА историјата со Џордан, Пипен и Родман која освои дури три шампионски прстени во 1996, 1997 и 1998.
Во документарниот филм „Последниот танц“ кој зборува за Џордан и шампионскиот период на Чикаго Булс, се открива дека бил омилен играч на Џери Краус поради што останатите (во прв ред Џордан и Пипен) не го мирисале баш.
„Беше посебно, величенствено. Тогаш последен пат сите се собравме. Станав и одржав здравица само за Тони. Никој од нас не помина низ тоа што го помина тој за да се докаже и сакав да знае колку го цениме поради тоа и колку ни значи на сите“, вели Стив Кер во документарката за вечерата по повод шестата шампионска титула на Чикаго.
Тони Кукоч веќе неколку години по ред кошарката ја замени со голф. Обожава да игра во својот роден град.
„Голф е спорт кој не те остава рамнодушен, или го сакаш или не. Се е во тој прв ден кога ќе ја земеш палката. Ако добро го удираш топчето и отиде далеку, правилно... ќе дојдеш и утре. Ако не, тогаш ќе ти остане глупав спорт... А заразен е и поради тоа што стално се бориш со терен и со самиот себе“, рекол еднаш Кукоч.
Тони вели и дека понекогаш игра со старите легендарни соиграчи:
„Не се собираме организирано, но се среќаваме, зошто таа стара гарда Џордан, Харпер, Пипен, Грент, Кер, Венингтон играат голф. Игра и Реј Ален, а добар е и Стеф Кари, тој дури добива и покани за професионални турнири“, додава Кукоч.
Минатата година КК Сплит организирал пријателска средба меѓу легендите на Југопластика и Макаби како потсетник на финалето од Минхен 1989-та.
„Сигурно нема да играм, ќе навивам од прв ред зошто не можам да одам“, рекол тогаш Тони кој имал доста проблеми со колкот а од неодамна и со срцето откако пред пет години го оперирал во Чикаго.
Неодамна се разви и дебата околу тоа зошто Тони Кукоч го нема во Куќата на славните од НБА во САД а за што зборуваа многу легенди меѓу кои и Скоти Пипен кој рече дека е права лудост што Тони не е внесен таму.