Што сè ќе се гледа на Ол-Стар викендов?

Почнува од доцна вечерва и ќе трае во ноќта помеѓу недела и понеделник. Ол стар викенд на кој најдобрите кошаркари на светот ќе го покажат целиот свој раскошен талент и ќе виткаат обрачи.

Култниот „Јунајтед центар“ во Чикаго викендов ќе биде домаќин на овогодинешниот Ол стар, 69. издание во историјата.

Ол стар викендот традиционално започнува со мечот „Ѕвезди во подем“ на кој најдобрите млади кошаркари од САД ќе се сретнат против најталентираните играчи во НБА од остатокот од светот. „Странците“ повторно ќе ги предводи Лука Дончиќ кој ќе се појави и на главната вечер во недела кон понеделник, како стартер во страшниот тим на Леброн Џејмс.

РАЈЗИНГ СТАРС 2020

Ова ќе биде 26. издание на Рајзинг Старс, натпревар на кој играат најголемите таленти во подем кој веќе се прва или втора сезона во НБА. Ќе оди во директен пренос на македонската радио телевизија (МТВ-1) во 03.00 часот после полноќ.

Покрај Дончиќ во тимот на остатокот од светот на Rising Stars 2020 ќе се најдат и Никејл Александер-Вокер (Њу Орлеанс), РЏ Барет (Њујорк), Брендон Кларк (Мемфис), Шаи Глиџес-Александер (Оклахома Сити), Руи Хачимура (Вашингтон), Николо Мели (Њу Орлеанс), Сви Михаљук (Детроит), Џош Окоџи (Минесота) и Мориц Вагнер (Вашингтон).

Во ростерот на САД ќе бидат: Мајлс Бриџис (Шарлот), Девонте Грем (Шарлот), Џарен Џексон Џр. (Мемфис), Џа Морант (Мемфис), Кендрик Нан (Мајами), Ерик Паскал (Голден Стејт), Колин Секстон (Кливленд), Пи-џеј Вашингтон (Шарлот), Зајон Вилијамсон (Њу Орлеанс), Трае Јанг (Атланта, исто ќе игра и на главната вечер).

Интересно, сезонава дури 108 кошаркари од 38 различни земји во светот играат во НБА лигата и секоја од 30 франшизи има макар еден странски играч надвор од САД.

СКИЛ ЧЕЛЕНЏ, ТРОЈКИ И ЗАБИВАЊА

Саботата кон недела се предвидени трите интересни натпреварувања од 02:00 после полноќ, со пренос на МРТ1: Тако Бел Скил Челенџ (двајца играчи паралелно се натпреваруваат од иста појдовна точка, минуваат низ пречки и првиот финишер кој ќе погоди тројка оди во следната рунда и така до крајот), натпреварот за најдобар тројкаш како и она што сите го очекуваат, Слем Данк, односно турнирот во најдобри забивања.

Во Скил Челенџот, 17. издание на натпреварот во вештини, ќе учествуваат Бам Адебајо (Мајами), Патрик Беверли (ЛА Клиперс), Спенсер Динвиди (Бруклин), Шеј Глиџес-Александер (Оклахома Сити), Крис Мидлтон (Милвоки), Паскал Сијакам (Торонто) и бранителот на титулата во оваа категорија Џејсон Тејтам од Бостон.

На натпреварот за најдобар тројкаш, 34. издание по ред, ќе учествуваат: бранителот на титулата Џо Херис од Бруклин Нетс, учесникот на Ол-Стар главната вечер Трае Јанг (Атланта), Данкан Робинсон (Мајами), Зак ЛаВин (Чикаго), Бади Хилд (Сакраменто), Девонте Грем (Шарлот), Девин Букер (Феникс) и Давис Бертанс (Вашингтон).

Она што сите го чекаат со нетрпение, атрактивниот натпревар во забивања, 35. издание по ред, ќе ги понуди: Дерик Џонс Џр (Мајами), Двајт Хауард (Лос Анџелес Лејкерс, шампион во оваа категорија во 2008-ма), Арон Гордон (Орландо), Пато Конахтон (Милвоки).

ГЛАВНИОТ ДЕСЕРТ, ОЛ СТАР НАТПРЕВАРОТ

НБА одлучи Ол Стар мечот да биде во чест на трагично загинатиот Коби Брајант, неговата ќерка и сите други кои го загубија животот во хеликоптерската несреќа, па така сите играчи во тимот Леброн Џејмс ќе носат број 2 на дресот во чест на бројот кој го носеше Џана, ќерката на Брајант, а сите во тимот на Јанис ќе го носат бројот 24, оној по кој беше препознатлив Коби.

Црн флор на дресовите играчите ќе носат во знак на сеќавање на сите загинати во хеликоптерската несреќа и црна трака за починатиот Дејвид Стерн, долгогодишен комесар на НБА.

За тимот на Леброн Џејмс кој ќе биде капитен на својата екипа, ќе играат: 

Ентони Дејвис (ЛА Лејкерс), Џејмс Харден (Хјустон), Кавај Ленард (ЛА Клиперс), Лука Дончиќ (Далас Маверикс) и Леброн Џејмс (ЛА Клиперс). Тие ќе бидат стартери, а на клупата за резерви Леброн ги одбра: Девин Букер (Феникс), Никола Јокиќ (Денвер), Бен Симонс (Филаделфија), Домантас Сабонис (Индијана), Џејсон Тејтум (Бостон) и Расел Вестбрук (Хјустон). Тренер на Западот ќе биде Франк Вогел (тренер на ЛА Лејкерс).

За тимот Џанис ќе играат: стартери - Џанис Антетокумпо (Милвоки), Жоел Ембиид (Филаделфија), Паскал Сиакам (Торонто), Кемба Вокер (Бостон), Трае Јанг (Атланта). Резерви ќе бидат: Бам Адебајо (Мајами), Брендон Инграм (Њу Орлеанс), Донован Мичел (Јута), Руди Гобер (Јута), Кајл Лори (Торонто) и Крис Мидлтон (Милвоки). Тренер на Истокот ќе биде Ник Нурс, стратегот на Торонто Репторс.

Што се однесува до музичкиот дел од спектаклот, НБА договорила настапи на Џенифер Хадсон за главната вечер во недела, а претходно ќе настапат и 5-кратниот освојувач на греми Лил Вејн, како и овогодинешниот Греми првак ДЏ Калед. Раперот Common, кој е роден во Чикаго, ќе настапи пред мечот,  ќе ги чита составите и ќе зборува за тоа што кошарката му значи на “Ветровитиот град“.

Химната ќе ја пее 10-кратната Греми добитничка, Чака Кан која е родена во Чикаго.

Македонската радио телевизија ќе врши директни преноси од сите натпревари, освен од Ол-Стар мечот кој ќе оди репризно во понеделник од 20:15.

14 февруари 2020 - 12:33