Мохамед Дабоне во Шпанија го спремаат како нов Виктор Вембанјама иако е мошне рано за такви претпоставки. Дабоне потсеќа на големата НБА ѕвезда - има несекојдневен спој на висина, распон на раце, подвижност и експлозивност со рамнотежа која ретко се гледа кај така високи играчи (210 см).
Поради начинот на кој лесно трча во транзиција, во контри, завршува над обрачот и го напаѓа директно просторот често го споредуваат и со ѕвездата Јанис Адетокумбо кој летово потпиша со Мајами Хит.
Дабоне е физички многу понадмоќен од многу свои врсници па и од поголеми од него. Тој често ја спушта топката на паркет, го напаѓа чуварот со лицето кон кошот, знае да погоди од дистанца и покрива голем простор во одбрана.
Барселона го довела во 2022-ра година а пошироката кошаркарска јавност го запозна кога само со 12 години доминираше на турнири против многу поголеми деца. На еден турнир за кошаркари до 15 години против Реал Мадрид уфрлил 25 поени со 14 скока и 6 блокади.
Во 2024-та година блеснал на шпанскиот МиниКуп каде ја предводел јуниорската екипа на Барселона до трофејот и станал МВП со просек од 18,3 поени, 13,5 скока и 4,5 блокади по натпревар. Во финалето против Реал Мадрид постигнал 22 поени, импресивни 26 скока, 5 украдени топки и 6 блокади.

На завршниот турнир на јуниорската Евролига лани во 2025-та имал во просек по 12 поени, 7,3 скока и 1,3 блокади иако бил шест години помлад од сите противници и соиграчи.
Во 2026-та Барселона ја освои јуниорската Евролига а Дабоне имаше уште поимпресивен учинок: 17,2 поени во просек, 5,8 скока и 1,2 блокади по натпревар.
Неговиот развој не е ограничен само на млади категории. Минатото лето во 2025-та со само 13 години дебитираше за првиот тим на Барса и играше со сениорите на пријателски натпревар против Џирона. За четири минути имал скок во напад и први поени со силно забивање. На само 13 години.
ШПАНИЈА ГО ОБЕЗБЕДИЛА ЗА СЕБЕ
Шпанците се мошне остроумни кога станува збор за натурализација на играчи од други земји. Така за нив на времето играше сјајниот Никола Миротиќ и ред други кошаркари со странско потекло, а исто и во фудбал каде главна ѕвезда им е Ламин Јамал чии родители водат потекло од северна Африка иако тој е роден во Шпанија.
Мохамед Дабоне е нов важен проект на шпанската кошарка. Тој добил државјанство, пасош и сите документи на барање на кошаркарскиот сојуз на Шпанија со цел да се обезбеди иднина за репрезентацијата во моментот кога веќе а афирмиран НБА кошаркарот Санти Алдама, а новата генерација ја предводат Хуго Гонзалес, Адај Мара и уште неколку големи таленти.
Сепак останува прашање кога Дабоне ќе може да заигра за репрезентацијата на Шпанија. Според актуелните правила на ФИБА, одредени играчи пред својата 16-та година можат да бидат означени како „посебни случаи“, поради што за новата репрезентација не можат да играат пред да наполнат 23 години. ФЕБ во разговори со ФИБА се обидувал да ги убеди да не го применуваат тоа правило на Дабоне.
Појавата на феноменот Мохамед Дабоне од Буркина Фасо ја следат и контроверзи. Поради неверојатната физичка развијеност и фактот дека наводно воопшто не пораснал дополнително во изминатите неколку години, на друштвените мрежи и во некои медиуми се појавиле сомнежи за официјалниот датум на раѓање на кошаркарот.
Не постои никаков доказ дека Дабоне фалсификувал документи или дека е постар отколку што пишува во неговиот пасош. Неговиот официјален датум на раѓање е 21-ви октомври 2011-та и се додека не се појават конкретни докази тоа ќе биде единствен релевантен податок.
До НБА драфтот Дабоне ќе мора да почека до 2031-ва година, а до тогаш Шпанија ќе се обиде во целост да го вклучи во својот кошаркарски систем, Барселона од него да направи стандарден првотимец.
Вембанјама ја смени кошаркарската иднина на Франција и Шпанците веруваат дека сега тие имаат играч кој би можел еден ден да направи нешто слично и за нив.