За разлика од дуелот против Солнок во Скопје, МЗТ и Крка одиграа ефикасна прва четвртина, што беше најава за поентерски богат натпревар. Словенечкиот тим ги доби првите 10 минути (23:15), а најзаслужен за водството на Крка беше Мулалиќ кој постигна 3 тројки за 6 минути.
Одбраната на МЗТ не беше на нивото од претходното коло, така што Крка преку Кастрати и Јоксимовиќ лесно ја зголеми и ја одржуваше предноста од 13 поени. Единствено расположенииот Овен Класен не беше доволен да се намали високата негатива на МЗТ Скопје по првиот дел (43:31), период во кој МЗТ Скопје имаше 5/12 за три поени, но само 7/15 за 2.
Селекторот на Македонската репрезентација, Александар Џикиќ добро ја прочитал играта на Цветковиќ и Маринковиќ, кои на претходните дуели беа водечки стрелци на аеродромци, но вечерва не беа на препознатливото ниво. Во сивилото на МЗТ се вклопија и Демјуник и Кире Николовски, кои немаа решение за зонската одбрана на Крка.
Букер и Јоксимовиќ го полнеа кошот на „штрковите“ и во третиот квартал кога Крка имаше највисоки 21 поен предност (64-43), а тренерот Стефанов се обиде со пониска петорка и поени надвор од рекетот да ја пробие одбраната на Крка, која вечерва функционираше добро.
Словенците до крајот не само што ја сочуваа убедливата позитива, туку и ја дуплираа, така што МЗТ Скопје го доживеа највисокиот пораз сезонава 85:52. Најефикасен во редовите на Скопјани беше Марко Симоновски со 10 поени и 6 скока, додека Овен Класен уфрли 9 коша а имаше 2 скока. Во победничкиот состав, Кастрати и Јоксимовиќ имаа по 15 поени, Букер додаде 14.
Во следното коло од АБА лигата, МЗТ Скопје ја пречекува хрватска Цедевита, на 11-ти ноември. Во згуснатиот распоред, „штрковите“ во само 15 дена ќе играат против Цедевита, дербито со Работнички и натпревар од АБА лигата против Црвена Звезда.