Кошаркарите на Србија можат да жалат, а во исто време да бидат горди на тоа како одиграа против големиот Дрим тим составен од најголемите НБА ѕвезди, според многумина најдобриот во историјата на САД, сигурно најдобар во ХХI век.
Селекцијата предводена од Стив Кер и Ерик Сполстра во финале ќе се бори за злато со Франција а Србија против Германија ќе игра за бронзен медал.
Неверојатниот Стефон Кари со олимписки рекорд од 9 погодени тројки на крајот забележа дури 36 поени и беше најзаслужен што САД се спаси од сигурен пораз. Важно е да се напоменат и неколку спорни судиски одлуки кои влијаеа врз крајниот исход.
Србија играше фантастична кошарка и ги собра симпатиите на спортскиот свет. Дури три четвртини Никола Јокиќ, Богдан Богдановиќ, Алекса Аврамовиќ, Никола Петрушев, Огњен Добриќ и другите го држеа големиот Дрим тим предводен од Леброн Џејмс, Стефон Кари и Кевин Дурент во раце.
Водеше Србија 36 минути и љубоморно ја чуваше предноста.
Имаа избраниците на Светислав Пешиќ дури 75 одсто за два поени и 56 одсто погодени шутеви за три поени.
Поседуваа „орлите“ рецепт за сè, освен за неверојатниот Стефон Кари кој постигна 36 поени од кои дури 17 во една четвртина со пет погодени тројки.
На полувреме Србија отиде со неверојатни 11 поени разлика - 54:43. Овој резултат Србите го бранеа во вториот дел, САД ја топеше предноста.
Во еден момент Леброн Џејмс и Стефон Кари како и Кевин Дурент покажаа цел репертоар и на крајот направија пресврт во последниот период. Конечни 95:91 за САД кои во финале одат на домаќинот Франција. Србија ќе игра со Германија за трето место и бронзен медал.
Кај победничката селекција Стеф Кари беше најефикасен со 36 поени (9/14 за три) и осум скока. Жоел Ембид додаде 19 поени, Леброн Џејмс 16 поени со 12 скока и 10 асистенции за трипл-дабл учинок. Кевин Дурент го немаше речици цел натпревар но на крајот уфрли важни поени за Американците и го заврши дуелот со 9 поени.
Кај Србија Богдан Богдановиќ најефикасен со 20 поени, четири скока и три асистенции. Никола Јокиќ додаде 17 поени со 11 асистенции за дабл-дабл и пет скока. Алекса Аврамовиќ уфрли 15 поени со четири скока и три асистенции а Огнен Добриќ, Филип Петрушев и Марко Гудуриќ уфрлија по 9 поени.
Кошаркарскиот свет и се дивее на Србија, од Новицки преку Пау Гасол, Тони Паркер до Ману Џинобили, сите после мечот изјавуваа дека ова е еден од најневеројатните натпревари кои ги гледале досега.
Претходно во првото полуфинале домаќинот Франција ја совлада Германија 79:63.