После 28 години Феникс е во финале на НБА, првпат од времето на Чарлс Баркли

Феникс Санс го урна фаворитот Лос Анџелес Клиперс (130:103) и со вкупен резултат 4:2 се пласираа во големото НБА финале. Во шестиот, се испостави решавачки меч од финалето на Западот, Крис Пол издоминира како и во целата серија.

Ултра возбудливата сезона во НБА продолжува. Плејофот понуди многу неизвесни средби, а кулминацијата допрва ќе следува. За сега најубава приказна пишува Феникс Санс кои по одличната регуларна сезона, блескаат и во плејофот и се наострени да го донесат првиот шампионски пехар во историјата дома.

Искусниот Пол уфрли неверојатни 41 поен (7/8 за три, 16/24 од игра) со четири скока и осум асистенции. Во чекор го следеше сјајниот Девин Букер со 22 поени и седум асистенции, Краудер имаше 19, а Ејтон 16 поени со дури 17 скока.

Феникс Санс, една од посимпатичните франшизи, цели 53 сезони е дел од НБА но никогаш не бил шампион. Никој никогаш во НБА толку долго не ја чекал својата прва титула како Санс. Дури и ЛА Клиперс чекаат помалку - од 1970-та.

Кај Клиперс Морис постигна 26 поени со 9 скока, а Пол Џорџ 21 поен и 9 скока. Тимот од Лос Анџелес пак играше без својот најдобар играч Кавај Ленард. Во финалето Санс го чека подобриот од дуелот Милвоки Бакс - Атланта каде резултатот во серијата во моментов е 2-2.

ЧЕКАА, ЧЕКАА И ДОЧЕКАА

Феникс Санс два пати стигнувал до големата финална серија во НБА. Пред 45 години неочекувано победиле на Западот и во финалето против династијата Бостон го одиграле еден од најлудите натпревари некогаш играни во историјата на НБА, со дури 3 продолженија но изгубиле во серија од 6 средби.

Во сезоната 1992/1993 Феникс доби изненадување. Од Филаделфија пристигна Чарлс Баркли, најефикасниот играч на Дрим Тимот на САД.

Баркли стана МВП уште во првата сезона, ги однесе Санс до големото НБА финале и дури играше во епскиот меч со три продолженија... Но ривал му беше - Мајкл Џордан.

 

Досега никој не успеал да му донесе титула на Феникс Санс - ни Баркли, ни Џејсон Кид, ни Стив Неш со Амари Стадемаер, Мерион, Д’Антони, Шекил, Грант Хил па дури ни со Стив Кер како генерален менаџер.

Феникс Санс не играше во плејофот уште од 2010-та година а сега по трет пат во клупската историја стигна во финалето на НБА. Последен пат пред 28 години!

 

Најдобриот играч и лидер на Санси кој од ноември 2020-та дојде во Феникс, Крис Пол чека НБА финале цела кариера - 16 години во кои смени дури 5 клуба и имаше многу падови, разочарувања и повреди.

Сега трудот му се исплатеше. Крис Пол одигра неверојатна сезона а страшен е и во плејофот. Синоќа го повтори рекордот во плејоф кариерата (41 поен), имаше дури 31 поен во втората четвртина што му е најдобар резултат во кариерата.

Предводени од Пол, Деандре Ејтон, Мајк Бриџис, Девин Букер, Крис Пол, Дарио Шариќ и Тори Крејг, Санси ќе атакуваат на првата историска титула за Феникс. 

При првиот обид да се качат на врвот, главен играч и лидер во 1976-та им бил бекот Пол Вестфал. Токму тој во 1993-та како тренер ги предводеше Чарлс Баркли, Кевин Џонсон и Ден Марли во големото финале со Чикаго Булс.

 

Актуелниот тренер на Атланта Хокс (уште еден потенцијален финалист на НБА, 2-2 е против Милвоки на Истокот), Нејт Мекмилан својата тренерска кариера ја започнал како помошник на големиот Пол Вестфал. А актуелниот сегашен тренер на Феникс Монти Вилијамс му беше помошник на Мекмилан во Портланд во втората половина на ’90-те години.

Во јануари годинава членот на Салата на Славните во НБА, Пол Вестфол починал но неговото тренерско дрво на животот се уште живее.

Феникс совршено му оддава почест со сјајна игра на теренот.