Првите поени за македонската кошаркарска репрезентација на 38-от европски шампионат му припаднаа на Дамјан Стојановски кој ги погоди сите три обиди од линијата за слободни фрлања, а во наредниот наш напад Лестер Бо Мекејлеб го зголеми резултатот на 5:0.
Доминацијата на нашите кошаркари траеше во целата прва четвртина се до последните 15 секунди кога Црна Гора направи пресврт и поведе со 25:24. Во втората четвртина не ни тргна баш најдобро, а на 4 минути до крајот на првиот дел Црногорците направија двоцифрена предност 43:32.
Шутот на избраниците на Пипан проработи во вистински момент, односно во последните 90 секунди кога постигнаа 8 коша. Мекејлеб и Антиќ тргнаа борбено, Дамјан Стојановски постигна 5 поени во низа, а во последната секунда првите поени на капитенот Антиќ стигнаа преку најпотребнаа тројка за 46:45 за Македонија.
Интересна кошарка се играше во третиот период, а повторно во елемент беше Дамјан Стојановски кој постигна 7 поени во серијата на нашите кошаркари од 9:0. Црна Гора се врати резулатски и ја стопи нашата предност, а пред крајот на претпоследната четвртина водството од 67:64 го зачувавме благодарение на тројките на Антиќ и Мекејлеб.
Резултатски Македонија постојано беше во предност во текот на последната четвртина, а најголемото водство изнесуваше +7. Но составот на Алеш Пипан не успеа да го задржи, и мечот се решаваше во последните 30 секунди кога имавме водство од 80:79.
Антиќ фаулираше и ја направи последната лична грешка во следниот напад, а Црна Гора премина во водство и триумфираше со 81:80 по двете прецизни слободни фрлања. Во драматичните последни 10 секунди Мекејлеб на успеа да погоди за победа, но по неговиот непрецизен обид под кошот настана голема конфузија при судиската одлука која беше погрешна.
Едниот од нив ги призна поените, затоа што еден од Црногорците ја допре мрежата што е недозволено при обид за шут, но по консултација на судиите тоа беше конечен резултат.