Поранешен НБА играч ќе игра во Гевгелија

Еден од подобрите возрасни кошаркари на овие простори, Србинот Ратко Варда потпиша со Кожув, кој ќе биде неговиот 17. клуб во богатата кариера во која играше и во НБА.

Ратко Варда има 36 години и не помислува да ги закачи патиките на ѕид. По кратката авантура во Либан, високиот центар потпиша краткотраен договор со македонскиот Суперлигаш Кожув. Својата богата кариера, Ратко Варда ја започна во белградски Партизан каде под обрачите скокаше шест години, а потоа го започна патот околу светот.
 
Со помал или поголем успех, Варда играше во Детроит Пистонс, Унион Олимпија, Бешикташ, Киев, Аполон Патрас, Реал Мадрид, Менорка, Жалгирис, Химки, Проком, Азовмаш, Махрам Техеран, Раднички Крагуевац, Мега Визура, Јунајтед Амшит и Кожув.
 
Единствен клуб во кој кошаркарот роден во Босанска Градишка настапуваше два пати беше љубљанска Олимпија каде центарот се врати по настапите во Аполон Патрас. Значајна улога Варга играше во Реал Мадрид со кој настапуваше и во Евролигата, а дека уште може да игра на високо ниво покажа во дресот на Мега Визура во АБА лигата.
 
3 октомври 2015 - 14:26