„Штрковите“ од Унгарија се враќаат со победа, втора на гостински паркет во сезоната. Без подолго отсутните Дамјан Стојановски и Марко Симоновски, со нов тренер на клупата, МЗТ Скопје одигра одличен натпревар против унгарскиот Шолнок.
МЗТ Скопје одигра маестрално прво полувреме, во кое како ретко сезонава после 20 минути постигна 50 поени во Јадранската лига. Сино-белите со рафален шут за три поени уфрлија дури шест тројки во првите 20 минути и на паузата заминаа со 12 поени предност, 50:38.
Најдобриот играч на МЗТ Скопје сезонава, Сеад Шеховиќ уфрли три тројки по ред, а капитенот Урош Лучиќ потврди дека игра во одлична форма и одигра најдобар натпревар од почетокот на сезоната. Пред преполната сала, Шолнок започна офанзивно во вториот дел и веќе по 7 минути се врати на само пет коша негатива. МЗТ ја чуваше предноста до почетокот на последната четвртина, кога Шолнок за првпат сериозно се залета и се врати на минус два поени.
На две минути пред крајот од натпреварот Шолнок не реализираше дури три напади во серија, а МЗТ Скопје тоа успешно го искористи и го затвори дуелот со победа 73:67. Ова беше трета победа на Скопјани во шесте меѓусебни соочувања со Унгарците, по што аеродромци сега се на шест победи и 11 порази во Јадранската лига. Најефикасни во победничкиот состав беа Урош Лучиќ со 20 поени и 6 скокови и Шеховиќ со 14 поени и 4 скокови.
Аеродромскиот состав следната сабота ја пречекува словенечка Крка од Ново Место, предводена од селекторот на македонската репрезентација, Александар Џикиќ. Голем удел во триумфот на МЗТ имаше и Предраг Самарџиски со 11 поени и 6 скокови. Џонс со 19 погодоци, 6 скокови и 6 асистенции беше најефикасен кај домашниот Шолнок. Страхиња Милошевиќ додаде 14 поени и 10 скокови.