Нашата кампања за гласањето за Перо Антиќ да настапи на Ол стар имаше неверојатно голем одѕив, а желбите дека првиот Македонец во НБА ќе настапи на викендот во Њу Орлеанс се реални, но шансите се поголеми тоа да биде на натпреварот на ѕвездите во подем отколку на главниот меч.
Токму затоа ја поддржуваме новата кампања започната од македонските НБА фанови на социјалните мрежи. По одличните настапи на Перо Антиќ откако стана дел од стартната петорка на Атланта, шансите дека тој може да настапи на првиот дел од Ол стар викендот кој се одржува во петок и се вика "Rising Stars Challenge", стануваат реални.
Натпреварот на ѕвездите во подем е дуел на кој играат дебитантите и оние кои се втора година во НБА, а тренери на двете екипи се Шекил О'Нил и Чарлс Баркли.
Со оглед на слабиот квалитет на дебитанти оваа година, нашиот Перо Антиќ има реални шанси да биде дел од овој натпревар. Играчите се селектирани од страна на помошниците тренери во НБА екипите, па да дигнеме врева и да направиме притисок за нашиот Перо да добие доволен број гласови од нив.