Пристигна и официјалната потврда дека Перо Антиќ има одлична дебитантска сезона во најквалитетната кошаркарска лига на светот. Првиот Македонец во НБА лигата ќе биде дел од најдобрите дебитанти на натпреварот на ѕвездите во подем на Ол стар викендот.
И покрај тоа што во моментов е повреден, асистентите тренери на НБА екипите одлучија да му дадат признание на Антиќ за одличните игри, селектирајќи го помеѓу деветмината најдобри дебитанти. Тие избраа и девет кошаркари кои ја играат својата втора сезона, а Шекил О'Нил и Чарлс Баркли ќе бидат тренери на екипите кои тие сами ќе ги состават од овие 18 кошаркари.
„Би сакал да им заблагодарам на соиграчите, стручниот штаб и менаџментот на Атланта Хокс. Горд сум што ќе ја претставувам Атланта и мојата земја Македонија во Њу Орлеанс", беше реакцијата на Антиќ на неговиот Твитер профил.
Ол стар викендот ќе се одржи од 14 до 16 февруари во Њу Орлеанс.