Сторијата за новиот првак во НБА лигата, прогласен за МВП на сезоната и финалето е печена за документарец. Почнува во сиромашниот кварт Сеполиа во периферијата во Атина, каде се преселиле неговите родители Чарлс и Вероника, кои во 1991-ва ја напуштиле Нигерија за подобар живот.
Три години подоцна на 6 декември 1994-та се раѓа Јанис, еден од петте нивни деца. Живееле во две соби, родителите во една, а Танасис, Костас, Алексис и Јанис во друга. Петтиот брат Франсис е фудбалер кој останал да игра во Нигерија.
Престојот на Јанис Андетокумбо во Грција бил 18 годни на црно, немал никакви документи и за да помогне дома за храна со браќата продавале саати и наочари. Кога им доаѓала полиција им велеле дека документите им се дома. Татко му работел како куќен мајстор, а мајка му била дадилка.
На Јанис му се случи во животот таква пресвртница, што кога неговите заминале да го посетат во САД, за да ги изненади, на аеродром им испрати да ги земе лимузина.
Кошарка почнал да игра на 7 години, а кога заиграл во младинските категории се истакнал со 50 поени на еден натпревар. Физичката надмоќ му била најсилен адут, а доминацијата под кошевите му ја забележале скаути кои работеле за САД.
Јанис на 16 години дебитирал во првиот тим на Филатлитикос, но проблем да заигра во најсилната лига во светот биле документите. Тој немал ни нигериско, а ниту грчко државјанство, но со помош на кошаркарската федерација на Грција станал државјанин на оваа земја и успеал да го направи трансферот од соништата.
На 27 јуни 2013-та се остварува неговиот сон кога бил избран како 15-ти пик на драфтот. Го добива прекарот „The Greek Freak“ и сега на 26 години доминантниот Андетокумбо го освојува шампионскиот прстен во НБА и тоа со 50 поени во финале.
„Почнав да играм кошарка само за можам да му помогнам на моето семејство, да се извлечеме од проблемите. Се соочувавме со многу предизвици како деца. Никогаш не мислев дека ќе играм во финале на НБА лигата со 26 години и дека ќе седам тука со овие два трофеи.
Ова треба да е доволен доказ дека секој човек на светот треба да верува во своите соништа. Кога сè изгледа лошо, треба да верувате и да продолжите да работите, не дозволувајте некој да ви зборува што не можете да направите. Луѓето зборуваа дека не можам да погодам слободно фрлање, а денеска ги погодив и јас сум шампион.
Пред осум и пол години, мајка ми продаваше работи на улица, а сега јас сум на врвот. Благословен сум, дури и никогаш да не седев тука, рече новиот НБА шампион со Милвоки, кој им се заблагодари на сите што му помогнаа како Џон Хенмон, Лери Дру, Џејсон Кид, Бад Буденхолзер“.
“Грчкиот ѕвер“ кој зад себе има инспиративна сторија со тешко минато, на Бакси им донесе титула после 50 години, а неговото семејство се гордее со тројца шампиони две години по ред. Минатата сезона со најмладиот Костас кој се радуваше со Лејкерски, а ноќеска со Јанис и Танасис.