Берлинска драма

Немаше трета среќа за Антиќ, ЦСКА е нов шампион на Европа

По двете европски титули со Олимпијакос, Перо Антиќ го загуби третото финале. После големата драма во Берлин, ЦСКА Москва во продолженија го совлада Фенербахче кој претходно се врати од 21 поен негатива.

Малку недостасуваше кошаркарскиот клуб ЦСКА Москва да биде можеби најтрагичната екипа во кошаркарска Европа. По загубената титула во последна секунда од Олимпијакос во Истанбул 2012 (Русите имаа +19) и поразот во полуфиналето во Милано од Макаби после водство од 15 поени, вечерва малку фалеше да го загубат златото од Фенербахче по позитива од 20 поени.

Турците во Мерцедес Бенц Арена играа речиси како на домашен терен, затоа што повеќе од пола сала беше исполнета со нивни навивачи. По дури шест промени на водството, првата четвртина ја добија Московјаните со 22:20. Вториот квартал започна со посигурна одбрана на Армејците која резултираше со неверојатна серија од 20:3 за ЦСКА која на полувремето замина со убедлива предност 50:30. Антиќ до третиот период постигна 5 поени.

Кошаркарите на ЦСКА хируршки прецизно ја започнаа и третата четвртина, во која дојде до инцидент меѓу ВИП гостите од првиот ред, затоа што еден навивач на ЦСКА го турна Никола Калиниќ близу аут линијата по што настана метеж кој судиите го смирија.

И покрај тоа што Јан Весели промаши неверојатни 9 од 9 слободни фрлања, Турците почнаа да го користат евидентниот пад во играта на Армејците. Тројката на Антиќ кој намали на 60:42 во третата четвртина како да беше најава за тоа што ќе се случува во последните 10 минути.

На крилјата на Антиќ и Екпе Јудо Фенер за шест минути намали на -12, па на -8 за еуфорија меѓу турските навивачи во Арената. Хријапа уфрли важна тројка за ЦСКА, но на другата страна врати Луиџи Датоме и Диксон со тројки и мечот влезе во неизвесна завршница.


Милош Теодосиќ презеде одговорност и на 47 секунди пред крај маестрално асистираше до Нандо Де Коло за 81:78. Следуваше тајм-аут после кој Боби Диксон од тешка позиција погоди тројка за израмнување. На 20 секунди пред крајот Фенербахче за првпат уште од првата четвртина стигна до вдоство со поените на Костас Слукас, но тука не беше крајот.

Де Коло во крајно конфузен напад промаши тројка, но Хријапа после скок во нападот изеднчи со неверојатен шут на 1,9 секунди до крајот и мечот отиде во продолженија.

Во продолженијата ЦСКА успеа да го врати водството и да слави 101:96 (22:20, 28:10, 19:23, 14:30) пред се благодарение на мирната рака на Нандо Де Коло од слободните фрлања (8/8) и Милош Теодосиќ (2/2). Тоа беше седма титула европски шампион за клубот од Москва, а прва од 2008. година (Мадрид). Најкорисен играч на мечот беше Нандо Де Коло со 22 поени и 7 асистенции, а него го следеше Милош Теодосиќ со 19 поени, 5 скокови и 7 асистенции.

Одлична партија кај новиот шампион пружи и Хајнс додаде 15, Хигинс 12, а Воронцевиќ 11. Кај поразениот Фенербахче Екпе Јудо уфрли 16 поени со 11 скокови колку што имаше и нашиот Антиќ, Диксон даде 17 поени со 4 асистенции, а Луиџи Датоме 16 со 5 скокови.

За тренерот на ЦСКА, Димитрис Итудис ова беше прва европска титула од како се осамостои од легендарниот Жељко Обрадовиќ кој вечерва го загуби второто од вкупно осум одиграни финалиња во Евролигата.