По вечерашниот висок пораз, МЗТ Скопје и дефинитивно ќе мора да се посвети само на обврските во домашното првенство. Повратникот на клупата на МЗТ Скопје, Алеш Пипан не мина добро во 23. коло од АБА лигата, а дебито му го загорчи неговиот довчерашен тим.
Статистичкиот податок на крајот од мечот покажа дека МЗТ погоди само три тројки од 22 обиди, а тоа беше причина за иронична прослава од гледалиштето, секој пат кога ќе погодеа за три.
МЗТ добро ги почна првите десет минути и водеше 8:3 во еден момент, но тогаш Предраг Самарџиски направи две лични грешки за само пет минути, по што Скопјани играа без класичен центар, а Олимпија го искористи тоа. Змачјеки ја добија првата четвртина 14:20.
Избраниците на Пипан добро го почнаа второто полувреме, одиграа неколку добри одбрани и поведоа 25:20. Сепак, неможноста за ротација го направи своето, па така Олимпија на полувреме водеше со 11 поени предност, 28:39.
Предноста се зголемуваше и во последната четвртина, а конечниот резултат во целост ја одрази немоќта на македонскиот кошаркарски шампион, 57:76 (14:20, 14:19, 13:18, 16:19). На крајот, тренерот Алеш Пипан не се поздрави со довчерашниот колега од Олимпија, Мехмед Бечеровиќ.
Најдобра статистика кај домашните имаше капитенот Лучиќ со 15 поени. Шеховиќ уфрли девет, а Самарџиски и Цветковиќ имаа блед настап со по седум погодоци. Во следното коло, МЗТ Скопје игра против Левски од Софија, последнопласираната екипа во лигата.