НБА ѕвезда даде прва тројка после 172 натпревари, салата вриштеше

Конечно се случи и тоа. Просто е неверојатно, ама вистинито. Бен Симонс, лидерот на Филаделфија ја постигна својата прва тројка после ЦЕЛИ 172 натпревари (две ипол сезони) во НБА со се плејофот.

После повеќе од две сезони во НБА, Бен Симонс на радост на цела сала и сите соиграчи, погоди шут за три поени. Просто е чудно како врвен стрелец како него, еден од најдобрите играчи во НБА лигата, никогаш досега во најдоброто првенство на светот не реализирал шут за три поени.

„Добро е кога ќе работиш на лето и сега ќе наплатиш“, помалку во шега изјави Симонс по триумфот на Фила против Њујорк Никс 109-104 во „Велс Фарго Центарот“.

Моментот кој навивачите го чекаа со месеци, стигна во 8:20 од првата четвртина кога Симонс прифати еден пас Фуркан Коркмаз во аголот и фрли тројка.

Симонс го заврши мечот со 18 поени, 7 скока и 13 асистенции. Во одбраната играше маестрално и овозможи Филаделфија 76’ да се врати од негатива -17 поени во третиот период и да остане непоразена франшиза на свој терен.

ПРВПАТ ПОСЛЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ ДАВА ТРОЈКА НА ОФИЦИЈАЛЕН МЕЧ

Има скоро четири години, од 30 ноември 2015 година кога Симонс бил уште свежо дојден во ЛСУ и играл против Колеџ Чарлстон. Тогаш дал тројка на официјален натпревар.

Синоќа беше и првпат Симонс да проба за три поени сезонава, откако долго време сите зборуваат дека би требал да почне да шутира. Звучи лудо но ова бил прв обид на Симонс за тројка од аголот, како што пишува ESPN Stats and Information research.

Бен Симонс досега во НБА имал 17 обиди за три поени и ниту еднаш не погодил поради што се откажал и рекол дека шутот за тројка не е негова најдобра страна, поради што се откажува од него.

25-та на Фила беше прв 1 пик на Драфтот во 2016 година, а во 2018 година ја доби престижната награда Руки на годината. Минатата сезона беше Ол-Стар играч, а летово Филаделфија му понуди и потпишаа нов 5-годишен договор вреден 170 милиони долари.

Симонс има 23 години и многу простор за напредок. Во меѓувреме тој изјави дека планира да игра за Австралија на следните Олимписки Игри во Токио следната година.