На завршницата на НБА „Ол стар“ викендот кој оваа година се одржа во Орландо, избраниците од Западот го победија „домашниот“ исток со 152:149.
Предводник на екипата од Западната конференција беше Кевин Дурент кој натпреварот го заврши со 36 поени и седум скокови и тој ја доби МВП титулата.
Коби Брајант постигна 27 поени со што тој стана најефикасен кошаркар во историјата на ова натпреварување со 271 поени. Зад него останаа Мајкл Џордан со 262 и Карим Абдул Џабар со 251 поен.
Сепак Коби скапо го плати овој рекорд. Тој заработи скршеница на носот при еден груб фаул од Двејн Вејд, но сепак остана во игра, а повредата беше констатирана по натпреварот.
Најдобар во тимот од Истокот беа кошаркарите на Мајами Хит, Леброн Џејмс со 36 поени и Двејн Вејд со „трипл-дабл“ од 24 поени, 10 скокови и 10 асистенции.
Екипата од Западот на полувремето постигна 88 поени, што е нов рекорд, а на крајот од натпреварот беа постигнати вкупно 301 поен, што е исто така нов рекорд за најмногу постигнати поени во регуларните 48 минути.
Истокот на девет минути пред крајот губеше со 20 поени разлика, но на три минути пред крајот се доближи на 144:141. На осум секунди пред крајот Дерон Вилијамс промаши тројка за пресврт при 151:149, а до крајот Блејк Грифин погоди едно слободно фрлање за конечните 152:149 (39:28, 49:41, 36:43, 28:37).
Ова беше 61. НБА „Ол стар“ натпревар, а на досегашните пресметки екипата од Истокот има остварено 36, а Западот 25 победи.
ЗАПАД: Дурент 36 (7с), Грифин 22 (8с), Бајнам, Брајант 27, Пол 8 (12а), Неш (4а), Паркер 6, Новицки 7, Олдриџ 4, М.Гасол 4, Вестбрук 21, Лав 17 (7с).
ИСТОК: Ентони 19 (9с), Џејмс 36 (7а), Хауард 9 (10с), Вејд 24 (10с, 10а), Роуз 14, Игудала 12, Вилијамс 20, Бош 7, Пирс 3, Денг, Хиберт 3, Рондо 2 (8а).