МЗТ триумфално ја отвори финалната серија

Првата пресметка од плејофот помеѓу големите градски ривали во салата „Борис Трајковски" им припадна на кошаркарите на МЗТ Скопје кои славеа убедливо против тимот на Работнички и поведоа со 1:0.

Тимот на Работнички многу посконцентирано го започна мечот и на стартот поведе со 7:0. Најрасположен на стартот беше Дарко Соколов, а првите 5 минути избраниците за Рајковиќ ги одиграа како во транс и остварија водство од 13:5.

Мартиќ свика тајмаут по кој Аеродромци ги консолидираа своите редови и возвратија со серија од 10:0 за предност од 13:15, а интересните и ефикасни први 10 минути Работнички ги надополлни со уште една серија од 7:0 за водство од 26:21.

Работнички ја одржуваше предноста на мечот, но само до првите 6 минути од втората четвртина, а првото водство кошаркарите го направија во голем стил со фантастична серија од 14:0. На полувреме резултатот беше 41:49 и потоа на паркетот играше само еден тим.

Екипата од Градски парк не успеа ниту за момент да фати приклучок во вториот дел од мечот и постојано беше во негатива со двоцифрен број на поени. По третиот период македонскиот шампион водеше со 72:56.

МЗТ беше доминантен до крајот на мечот и само го одржуваше големото водство кое се движеше до преку 20 поени разлика, а на крајот триумфираше со 96:79.

Најпрецизни кај победничкиот состав беа Синовец и Стојановски со по 19 поени, Гечевски постигна 16, а Маринковиќ оствари дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скокови. Кај Работнички Соколов постигна 19, а Симоновски 16 коша.

Вториот меч е закажан за в четврток од 19:30 часот.

27 мај 2014 - 21:21