Тренерот на МЗТ Скопје, Боби Митев зборуваше дека тимот ќе почне да победува само тогаш кога ќе одигра цврста одбрана и по 4 порази во АБА лигата, МЗТ конечно славеше.
После поразот од Кожув во домашното првенство, на„металците" конечно им тргна шутот и по првата четвртина против Игокеа стекнаа 7 поени предност 13:20. Втората четвртина личеше на првата, затоа што Скопјани уште еднаш дадоа 20 коша и на паузата имаа високи 11 поени предност, 29:40.
Избраниците на Митев со 2 коша негатива ја загубија третата четвртина 18:16, но победата ја потврдија во последните 10 минути. Како ретко кога сезонава, „штрковите" имаа пет играчи со двоцифрен учинок. Повратникот Дамјан Стојановски уфрли 20 поени, Урош Лучиќ на 15 коша додаде и 9 скока, а му тргна шутот и на Марко Симоновски кој реализираше 4 погодени тројки за 12 поени на крајот.
Ова беше трета победа на МЗТ Скопје во АБА лигата, а во следното коло аеродромци повторно гостуваат, во Љуљана против Олимпија на 29. ноември во сабота.