Екипата на МЗТ имаше подобар старт на натпреварот и бргу дојдоа до двоцифрено водство од 10 разлика, а на крајот од првата четвртина резултатот гласеше 12:20.
На стартот од втората четвртина МЗТ поведе и со 11 разлика, но од тој момент Торус ги консолидираше редовите и домашните кошаркари почнаа полека да ја топат разликата. На една минута пред полувремето Торус израмни на 30:30, за на паузата да се замине со резултато 30:32.
Израмнетата игра продолжи и во второто полувреме, а во третата четвртина Торус за прв пат поведе (42:41), но до крајот на третата четвртина МЗТ повторно се врати во водство (49:51).
Кошаркарите на МЗТ одржуваа предност во последната четвртина, но на три минути пред крајот Торус се доближи на само еден поен разлика (63:64). Сепак тие немаа сили за нов пресврт и на крајот МЗТ славеше со 66:73.
Предводници на МЗТ беа искусните Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски со по 18 поени, а кај Торус се истакна Џастин Рејнолдс со 19 поени.