Кошаркарите на Куманово по вчерашниот пресврт против Кожуф во кој имаа негатива и од 19 коша разлика влегоа доста помотивирано во финалето. Во првата четрвтина остварија водство од 20:14 и демонстрираа голема борба под кошевите. Урош Луковиќ на 3 минути до крајот со атрактивно забивање ја крена на нозе кумановската публика.
Еуфоријата на Кумановчани како да спласна во вториот период во кој МЗТ Скопје беше подобар противник и за кратко време го анулираше водството на Куманово. Избраниците на Пипан погодија 4 тројки, за разлика од кошаркарите на Куманово кои погодија само една. Резултатот по првиот дел изнесуваше 37:35 за екипата од Аеродром.
Неизвесна кошарка се играше и во третата четвртија во која избраниците на Алеш Пипан се обидуваа да се одлепат резултатски, но недостасуваа поените на Дамјан Стојановски кој по првите три четвртини имаше само 9 поени. Кошаркарите на Куманово во еден момент успеаа да го измрамнат резултатот, МЗТ стигна најмногу до +8, а во последните 10 минути влезе со предност од 59:52.
Кошаркарите на МЗТ ја оправдаа фаворитската улога на овој меч и ја одржуваа постојано предноста се до самиот крај на мечот. Куманово немаше сили за подвиг и успеа да стигне најмногу до негатива од 4 поени разлика.
Најпрецизни во шампионскиот тим беа Ѓорѓи Чековски со 16 и Борис Бакиќ со 15 поени и 8 скока. Кај Кумановчани најдобра партија одигра Урош Луковиќ со 22 поени и 14 скока.
Признанието за МВП играч на финалето го поделија двајца играчи од двете екипи, Дамјан Стојановски и Александар Костовски.
Во своето јубилејно 10-то финале во националниот Куп, за МЗТ ова е шестиот освоен трофеј. Освен минатата година, аеродромци го подигаа пехарот во 1996, 1997, 1999 и 2000 година.