Недоразбирањата на релација управа - навивачи во Аеродром, кулминираше со бојкот на навивачката група Фемили Аеродром, која не се согласува со одредени потези кои ги влече раководството на клубот. Од таа причина, вечерва во Јане Сандански едвај 300 гледачи ја видоа победата на МЗТ Скопје во второто коло.
Повратникот во тимот, Марко Љубичиќ одигра одличен натпревар и после пропуштените дуели во Супер купот и гостувањето во Љубљана, вечерва го носеше МЗТ до убедлив триумф. Металците имаа дури 13 скокови повеќе, а гостите од Ваљево катастрофално шутираа од линијата за слободни фрлања.
Во првото полувреме МЗТ Скопје стекна предност, но не успеваше резултатски да се одлепи. Сепак, до крајот на првиот дел, Штрковите погодија неколку тројки со кои му ставија до знаење на Металац дека бодовите остануваат во Јане Сандански. На полувремето 13+ за МЗТ (43-30).
На стартот од третиот период, избраниците на тренерот Владимир Ѓокиќ успеаа да намалат на 45-39, но тоа беше се од екипата која лани на два пати го победи МЗТ.
Во последниот период актуелниот државен првак удри печат на победата која на крајот изнесуваше убедливи 26 поени разлика. Ѓорѓе Дреновац со 17 поени беше најефикасен кај МЗТ, Љубичиќ додаде 16, а Луковиќ и Дамјан Стојановски по 14 поени. МЗТ веќе во вторник му гостува на белградски Партизан, кој вечерва го претрпе и вториот пораз, од Мега Лекс за која Предраг Самарџиски постигна дабл-дабл.