Моментите кои ја одбележаа светската кошарка во Шпанија

САД повторно се качија на врвот, Кајри Ирвинг се докажа и на интернационално ниво, Ѓорѓевиќ правеше чуда со Србија и Коле со Франција без ѕвездите во тимот, а Шпанија повторно разочара, овојпат на домашен паркет.

КАЈРИ ИРВИНГ

Финалниот натпревар против Србија, играчот на Кливленд Кавалерс го одигра на врвно ниво. Начинот на кој ги разигруваше своите играчи, постигнуваше неверојатни поени и даваше ритам на играта на САД, на Ирвинг му ја донесе наградата МВП на финалето.

Со 20 поени во просек по натпревар од почетокот на првенството, Кајри Ирвинг беше најефикасниот поединец во најефикасната селекција на Светското првенство. Со оглед на фактот дека Дерик Роуз сè уште не ја нашол правата форма по тешката повреда, Кајри Ирвинг го изнесе најголемиот товар на бековската линија на САД и заслужено беше избран за најдобар играч на Мундијалот.

КЕНЕТ ФАРИД

Неговата препознатлива фризура, мускулната маса и спектакуларните забивања можеби ќе останат и највпечатливи од завршениот Мундијал во Шпанија. Без разлика дали селекцијата предводена од Коуч К водеше 30 поени разлика или се обидуваше да се одлепи, Кенет Фарид ја одржуваше агресивноста во брзата игра.

Во НБА не е ѕвезда каква што беше во Шпанија, нема висока плата како Харден и Ирвинг, а далеку е и од евентуален Ол-Стар натпревар. Во последните 3 натпревари од СП во потполност го оправда прекарот „Манимал", по што би требало да го поправи статусот во Денвер Нагетс.

САША ЃОРЃЕВИЌ

И покрај тоа што играчите се најзаслужни за успехот на српската репрезентација, без мотиваторот и дебитант од клупата, тешко дека ќе го освоеа сребрениот медал.

Пласманот во финалето е круна на досегашната тренерска кариера на човекот кој пред 4 години ја водеше Олимпија Милано, а потоа беше без ангажман. Денес Сале Ѓорѓевиќ не е само легендарниот бек кој беше срцето на тимот на поранешна Југославија, туку стасан тренер кој има јасна филозофија во играта.

Како селектор бара многу од играчите, но во исто време гради пријателски однос со нив. Случајот со играчот на ЦСКА Москва, Владимир Мицов кој го напушти тимот на ден пред заминувањето за Шпанија докажа дека Ѓорѓевиќ нема да толерира никаква недисциплина во екипата. „Сале национале“ како го викаат во Србија ќе потпише нов договор со селекцијата која под негова палка ја освои првата медала на едно СП по 12 години.

ФРАНЦИЈА БЕЗ ПАРКЕР И НОА

По големиот успех минатата година во Словенија, кога станаа Европски шампиони, Французите во Шпанија допатуваа без најдобрите играчи, Тони Паркер и Жоаким Ноа, но тоа не им сметаше да го направат најголемото чудо на првенството и да го елиминираат домаќинот на негов терен.

Селекторот Винсен Коле го одреди 1/4 финалето како цел во Шпанија, но како одминуваше натпреварувањето, Французите стануваа сè поамбициозни. Николас Батум и Борис Дијао беа најзаслужни за големиот триумф над фаворизираната Шпанија. Томас Уертел и Руди Гобер се кошаркарите кои во иднина треба да ја носат играта на Француската селекција.

ШПАНИЈА - ФРАНЦИЈА

Натпреварот меѓу европските ривали беше клучниот момент на првенството, кое беше „организирано" на тој начин што Шпанија и САД едноставно мора да се сретнат во финалето. Пропозициите беа нејасни, затоа што најголемите фаворити за злато не можеа да се сретнат пред евентуалното финале.

Сонот за Светска титула на Шпанците им го растурија триколорите, со одлична игра во одбраната. Во мечот во кој играчи како Руди Ернандез, Рики Рубио, Наваро и Серхио Љуљ беа под 10 поени, а Шпанија на вкупни 59 поени, јасно е дека одбраната на Франција била на највисоко ниво.

Молкот во салата „Сан Депортес" во Мадрид го прекинуваа повремени скандирања за оставка на селекторот Оренга.

ДЕРИК РОУЗ

Можеби најголемата НБА ѕвезда на првенството, на Мундијалот дојде за да се врати во старата, препознатлива форма пред повредата која речиси 2 години го оддалечи од теренот.

Залудни беа обидите на селекторот Кжижевски да го разигра, затоа што Ди Роуз делуваше како загубен на паркетот. Без сигурност во додавањата и водењето на топката, со слабата прецизност, бекот на Чикаго остана во сенка на Кајри Ирвинг. Од неговите настапи на СП многу очекуваа и раководните луѓе од Чикаго Булс, кои ќе треба уште да чекаат Дерик Роуз да се врати во солидна форма.

„ГЕНЕРАСИОН ДОРАДА" на АРГЕНТИНА

Тешкиот пораз во јужно-американското дерби против Бразил во 1/8 финалето го затвори успешниот циклус на „гаучосите", кој започна на ОИ во Атина 2004. година. Аргентина на Ману Џинобили, Луис Скола, Андрес Ночиони, Карлос Делфино и Пабло Приџони, беше селекција која што ја радуваше нацијата речиси една деценија а сега им остава простор на некои нови кошаркари.

Факундо Кампацо се издвојува како евентуален лидер на новата генерација аргентински кошаркари.

 АЗИЈА И АФРИКА УШТЕ ЗАД ЕВРОПА 

Иран, Египет, Сенегал, Филипини, Ангола и Јужна Кореа се вратија од Шпанија со 6 победи и 31 пораз. Само една селекција од нив успеа да ја мине групната фаза (Сенегал, загуби од Шпанија во нокаут рундата). Африканската репрезентација успеа да ги совлада Хрватска и Порторико, а останатите натпревари во група не ги загуби со голема разлика.

Светското првенство во Шпанија уште еднаш покажа дека африканските и азиските кошаркарски селекции сè уште се далеку зад Европа и останатиот дел од Светот.

МЕСТЕНКАТА НА АВСТРАЛИЈА

Поразот во последниот натпревар од групната фаза против далеку послабата Ангола ги натера Словенците јавно да ги обвинат „кенгурите" дека го наместиле натпреварот, само за да ги избегнат САД во 1/8 финалето.

ФИБА реши да отвори истрага за целиот случај, но сè се заврши само на тоа. Правдата беше задоволена во 1/8 финалето, кога Емир Прелџиќ со кош во последната секунда ја елиминираше Австралија.

15 септември 2014 - 12:30